Тука сме 50тина млади од Струга, Скопје, Штип, Велес и Кичево. Сите сме членови на МОФ, а викендов реализираме тренинг за нови предавачи кои ќе ги водат дебатните клубови низ Македонија. Тука сме Македонци, Албанци, Турци, Срби и други, но тоа денес не е толку важно. Важно е дека оваа група се развива и шири дискусија и дебата меѓу младите низ Македонија.
Крајно сме загрижени поради последните изливи на насилство меѓу младите и граѓаните, непотврдените пораки дека тензијата е исклучиво на меѓуетничка основа и интензивирањето на сегрегацијата.
Наместо со физички пресметки или со апатија, како две крајности, повикуваме младите да се ангажираат и да се мобилизираат за да ги научат своите права, да ја вежбаат демократијата, да се здружат и да дејствуваат онака како што им прилега, со активизам.
Младите треба да притискаат кон институциите, но и да се нудат како релевантен партнер. Комуникацијата меѓу младите и институциите мора да започне веднаш. Младите треба да имаат секојдневен контакт со Министертвото за образование и со Агенцијата за млади и спорт, а не со Министерството за внатрешни работи.
Сметаме дека тензиите и насилствата на етничка основа само ќе ја ослабат позицијата на младите во општеството, а младите не смеат да го дозволат тоа.
Повикуваме на разум и на отпор кон секоја форма на насилство и агресија. Насилството мора да запре.
До институциите, професорите и родителите:
Ги повикуваме институциите, професорите и родителите да ги мотивираат младите на дискусија со своите врсници од различна етничка, верска, културна, политичка или било која друга припадност. Партиите, професорите и родителите мора да се одважат и во интерес на своите деца да работат многу повеќе на надминување на разликите и предрасудите и актуелните проблеми.
Младите посегнуваат по насилството најмногу поради тоа што нивната енергија не се канализира низ институциите и не се овозможува нивните идеи и ставови да бидат слушнати и признаени.
До медиумите:
Ги замолуваме и медиумите да овозможат пренесување на ставовите на младите во јавност, да и дадат простор на интеграцијата и бидат активен играч во смирувањето на тензијата.
Физичките пресметки заслужуваат медиумско внимание, но во вакви моменти тоа не смее да биде пренагласено и нападно пласирано. Уште помалку е потребно нагласување на етничките припадности на граѓаните во било кој контекст, па и во контекст на физичките пресметки.
Младите во Македонија ги споделуваат истите проблеми и интереси. Нашите реални заеднички проблеми се многу поголеми од разликите кои постојат меѓу нас.
Младите имаат поважни, заеднички проблеми
За нас најголеми проблеми се невработеноста, исклученоста од одлучувањето, слабото средношколско и студентско организирање, недовербата кон институциите. Истражувањата покажуваат дека младите од различни националности се чувствуваат подеднакво исклучени од општеството и споделувааат зеднички проблеми.
Етничките разлики постојат и за нив сме сите свесни, но од нив не треба никој да прави проблем. Ние повикуваме на почитување на различното, толерирање на ставовите кои се различни од нашите и на учење едни од други.