На 20 јуни 2015 година (сабота) Младински образовен форум организира завршен настан за членовите на дебатната и членовите на Учиме право програмите. Во текот на целата учебна година повеќе од 300 средношколци следеа неделни обуки за дебата, аргументација и критичко размислување и учествуваа на локални и национални турнири во организација на дебатната програма, како и неделни предавања за демократија, правен систем и владеење на правото, предавања за основните човекови, граѓански и политички права и слободи и предавања за казнено и граѓанско право.
Со завршување на учебната година се одбележува и завршувањето на успешно помината едногодишна обука во дебата и Учиме право на 20 јуни во просториите на МОФ.
За време на целодневниот настан ќе се одржи јавна дебата на тема “Државите од поранешна Југославија треба да ги одбележуваат настаните од Југословенските војни”.
На дебатата ќе дебатираат 6 говорници поделени во 2 тима. Афирмативниот тим составен од овогодинешните национални шампиони: Калина Прелиќ, Соња Митиќ, Кристина Маџоска ќе ја брани тезата. А негацискиот тим составен од дебатни тренери: Стефан Алексиќ, Марко Ѓорѓиев и Симона Сарафиновска ќе ја негира истата. Дел од овој настан ќе земе и квиз во вид на натпревар помеѓу Учиме право клубовите од сите градови. За тие што ќе покажат најмногу знаење ќе следуваат симболични награди.
Покрај јавната дебата и квизот агендата вклучува повеќе активности: друштвени игри, коктел забава, како и свечено доделување на сертификати.