Младински образовен форум ја промовираше книгата “ЕКТС – реалност или илузија во високото образование” на 27 јануари 2010 во Клубот на новинари.
Книгата е резултат на истражувањето кое го спроведуваше МОФ во текот на 2009 година на 8 факултети на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“, Европскиот Универзитет на Република Македонија и до Студентскиот парламент при УКИМ.
Книгата содржи анализа на примената на Европскиот кредиттрансфер систем [ЕКТС] извршена преку истражување кое го спроведе тимот на МОФ користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, додека стручните препораки и заклучоци по извршената анализа ги даде проф. д-р Зоран Поповски, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна. Активностите ги помогна Фондација Институт Отворено Општество Македонија.
Книгата ја отсликува имплементацијата на ЕКТ системот на посочените високообразовни институции и дава конкретни забелешки и насоки. Воедно, преку проектот се мониторираше спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Свое излагање на промоцијата имаа Лазар Поп Иванов, координатор на проектот и координатор на Студентска програма на МОФ, проф. Зоран Поповски и Ана Медарска, проектен координатор во Правната програма, ФИООМ.
Во рамките на спроведените 9 месечни активности беа испратени 495 барања за пристап до информации од јавен карактер. Опфатени области во истражувањето се студентските права, факултетската администрација, мобилност на студентите и наставниот кадар и финансии и транспарентност во работењето.
Главен заклучок е дека при при имплементацијата на ЕКТС, еден од клучните проблеми е унификацијата на имплементацијата. Евидентни се огромни разлики кај различните факултети кои некоординирано превземаат мерки за спроведување на овој систем, што генерално го намалува квалитетот при претставувањето на Македонија и соодветните универзитети како партнери на европските универзитети. Брошурата соддржи препораки за студентите, факултетската управа, државните органи и бизнис заедницата за приближување на македонскиот високообразовен систем до европскиот.