Младински образовен форум и Радио МОФ го најавуваат третото издание на ENGAGE, конференција за друштвен активизам. На 14 јуни (сабота), во салата „Империјал“ во Македонска опера и балет (Службен влез), домашни и странски активисти, уметници, новинари, креатори на онлајн иницијативи, блогери и ИТ експерти ќе споделат знаења и искуства на теми поврзани со граѓанска ангажираност, активизам на јавни простори, активизам преку друштвени медиуми, уметност, слобода на изразување, истражување и креирање политики, јавна дебата и помагање на заедниците.
Преку ENGAGE, МОФ и Радио МОФ се стремат да го подигнат нивото на информираност на граѓаните, нивната присутност и активно делување, како во сферата на друштвените медиуми, така и во физичкиот простор
Со 20 говорници, 14 презентации, 8 работилници, 300 гости во публика, обезбеден аудио и видео стриминг и follow up работилници за најпосветените учесници, ENGAGE ќе обезбеди едукација, интеракција и инспирација за индивидуи, групи и организации чија цел е да го подобруваат општеството во кое живееме.
Презентациите на говорниците се распределени во неколку блокови во периодот од 17:00 до 22:00 часот. Меѓу потврдените говорници и презентери на годинешниот ENGAGE се: Yaryana Grusha (Babylon 13, Украина), Тiiit! Inc., Владимир Милчин (режисер),Владимир Трајковиќ (ФИНКИ), Зоран Бојаровски (Сервис за проверка на факти од медиумите), Бардуљ Марку (Иницијатива “Спас за Радика”), Трајче Јанушев (СТАР – СТАР), Бесфорт Идризи (LajTme), Милчо Велјановски, Златко Ориѓански, Петар Павлов (Creative Exchange).
Во рамките на конференцијата, работилници ќе одржат: Дарко Булдиоски (New Media MK), Оливера Трајковска (Вин-Вин), Дамјан Здравев (Реактор), Игор Тошевски (уметник и копирајтер), www.Letsfundit.mkи Танго Милонгеро Скопје.
Третото издание на ENGAGE нуди новина за оние кои не сакаат само да присуствуваат на еднодневната конференција, туку и да креираат и спроведат сопствена акација. ENGAGE GENERATOR ќе се одржи на 15 јуни (недела) и нуди работилници со дел од говорниците на конференцијата за осмислување и организирање акции на четири теми: jавна дебата; изразување на јавни простори; мултимедија и интернет и истражување и креирање на политики.
Регистрацијата е отворена до 11 јуни на engage.mof.mk, можност за учество на конференцијата ќе имаат првите 200 пријавени учесници. Радио МОФ ќе обезбеди и видео-стрим на својата веб-страница.
ЕNGAGE е поддржан од National Endowment for Democracy, Фондација Отворено општество Македонија и Проект на УСАИД за граѓанско општество, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.