Младински образовен форум (МОФ), денеска учествуваше на Надзорна расправа на Собраниската комисија за европски прашања, посветена на искористувањето на средствата од четвртата компонента на ИПА, во делот на вработување, образование и обука и социјална вклученост.
Извршниот директор на МОФ, Марјан Забрчанец, презентираше исказ во улога на сведок, посветен на резултатите од проектот “Поддршка за вработување на млади, долгорочно невработени и жени”, реализиран од Агенцијата за вработување во Македонија, со средства од ИПА – Компонента 4.
После исказот, наместо да добие прашања во врска со темата, извршниот директор на МОФ се соочи со серија обвинувања и етикети од страна на пратеникот Антонио Милошоски, во кои МОФ беше оквалификувана како организација која сакала да наштети на екстерното оценувањe и организација која е под политичка контрола на опозицијата и Фондацијата Сорос.
Ваквите квалификации беа категорично отфрлени од Марјан Забрчанец, со аргументација дека акцијата на МОФ поврзана со екстерното оценување дошла како реакција на стотици граѓани, професори и ученици кои имале проблем со начинот на спроведување на екстерното, а дополнително беше потенцирано дека акциите на МОФ во делот на образованието датираат уште од времето кога СДСМ ја водеше владата на Република Македонија и никогаш не биле селективни.
Во улога на сведоци на расправата се појавија и министрите за труд и социјална политика и образование и наука, Диме Спасов и Спиро Ристовски, директорот на Агенцијата за образовни програми и мобилност, Дарко Димитров, директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, директорот на Центарот за образование на возрасни, Линдита Ќазими и Неда Коруновска, претседателот на невладината Реактор.
Прочитајте го интегралниот текст од обраќањето на Марјан Забрчанец на Надзорната расправа организирана од Собраниската комисија за европски прашања:
Почитуван претседателе на Комисијата за европски прашања,
Почитувани пратеници,
Почитувани претставници на Владата, институциите, граѓанските организации и медиумите,
Ви благодарам за поканата и за можноста за учество во оваа Надзорна расправа.
Со мојот исказ ќе направам паралела меѓу активностите и резултатите од проектот “Поддршка за вработување на млади, долгорочно невработени и жени”, реализиран од Агенцијата за вработување во Македонија, со средства од ИПА – Компонента 4 и слични проекти реализирани од МОФ и и други граѓански организации.
Најпрво ќе се осврнам на податоците до кои можевме да дојдеме поврзани со проектот имплементиран од страна на Агенцијата за вработување на РМ, со временска рамка ноември 2010 – 24 декември 2012 година (25 месеци, иако иницијално предвиден да трае 15 месеци) и буџет од 1.3 милиони евра. Согласно податоците од извештајот на проектот, проектот обезбедил обуки за општи вештини и обуки за вештини кои се бараат на пазарот на трудот за 6.600 граѓани, а 464 млади добиле можност за практиканство.
Преку Проектот во најголема мера се обезбедувале обуки за странски јазици и обуки за ИТ (или поточно 3904 обучени за јазици и 1533 обучени за ИТ). Во недостаток на повеќе информации за ефектите од проектот, имаме отворена дилема дали овие обики се вистинските и најпотребните со кои ќе се зајакнат работните вештини кај младите и со кои ќе се зголемат нивните шанси на пазарот на трудот или нивните знаења за водење сопствен бизнис.
Дополнително, од извештајот не може да се добијат следниве клучни податоци, кои можат да дадат јасна слика за квалитетот и постигнатото влијание од проектот:
На кој начин се вршеше промоција на обуките и практиканствата и колку граѓани се пријавија?
Според кои критериуми се вршеше селекцијата на кандидатите?
Што имаме како резултат после проектот, освен бројката на обучени?
Што се променило кај нивните вештини?
Дали денес се поконкурентни на пазарот на трудот?
Колку од нив успеале да се вработат благодарение на обуките?
Зошто проектот бил предвиден да трае 15 месеци, а со анекси се продолжил на 25 месеци?
Зошто во проектот не се вклучени граѓански организации кои имаат искуство во делот на неформално образование и обуки за работни вештини?
За овие клучни прашања немаме информации, па отворено се сомневаме во квалитетот на предвидениот курикулум за обуките, атрактивноста на овие обуки меѓу младите луѓе и вештините со кои се стекнале (не се стекнале) после обуките.
Овие наши дилеми доаѓаат од нашето искуство во слични проекти, каде со многу помалку средства сме постигнале конкретни и видливи резултати:
Имено, Проектот за младинска незавиност, спроведен во периодот јануари 2010 – декември 2011 година (24 месеци), со следниве генералии:
Циклус од 7 обуки за млади за следниве вештини: Комуникациски вештини, Лидерство/Мотивација/Тимска работа, Управување со проектен циклус, Прептриемништво и бизнис план, Организација на настани, Европски фондови, Маркетинг и интернет маркетинг и Финансиска писменост;
Буџет од 60.000 евра за реализација на предвидените обуки;
Беа обучени 446 млади, а на отворените повици се пријавија повеќе од 1500;
Од надворешна евалуација, за резултатите кои се остварени со проектот, спроведена после завршување на имплементацијата (а не за време на обуките), повеќе од сигурни сме дека со минимални средства постигнавме огромни резултати:
92% од испитаницит сметаат дека работодавците ја ценат потребата за меки вештини многу или просечно;
35% од испитаниците се повеќе активни во потрагата по работа откако ги посетиле обуиките и аплицирале за повеќе од 5 работни позиции;
23% успеале да добијат вработување по одржувањето на обуките; (дури и денес, речиси 2 години после завршување на проектот, во МОФ сеуште се јавуваат учесници на обуките да се заблагодарат и да известат дека успеале да се вработат благодарение на обуките; )
89% сметаат дека тренингот им помогнал во личниот развој;
Ваквата анализа и евалуација недостасува кај проектот реализиран од страна на АВРМ, со средства од 4та компононента на ИПА.
Дополнително, МОФ има позитивни резултати и во делот на обезбедување практиканство и развој на волотерство кај младите. Преку проектот “Локален волонтерски сервис”, имплементиран од страна на МКЦ – Битола, каде МОФ се појавува во улога на партнерска организација одговорна за Скопје, во период од 2 години беше овозможена 3-месечна пракса со волонтерски надомест за 130 млади, распоредени во државни институции, локални институции и граѓански организации.
Буџетот за обезбедување на овие практиканства за 130 млади изнесуваше 60.000 евра.
Да сумираме,
МОФ, преку свои и партнерски проекти, со буџет од 60.000 евра успеал да обезбеди циклус од 7 обуки за 450 млади и да реализира околу 50.000 часови обука (или околу 112 часа обука по човек). Дополнително, со друг проект во износ од 60.000 евра, МКЦ-Битола и МОФ успеале да обезбедат практиканства за 130 млади чии вештини се подобриле и со тоа директно се зголемиле нивните можности за вработување.
Во исто време, Агенцијата со 15 пати поголем буџет, успеала да обезбеди само по 1 циклус обука за 6.600 граѓани или 150.000 часови обука (или околу 20 часа обука по човк), што е само 3 пати повеќе од остварениот резултат на МОФ. Дополнително, Агенцијата со 15 пати поголем буџет успеала да обезбеди практиканства за 446 млади, што повторно е само за 3 пати повеќе во споредба со резултатите на МКЦ-Битола и МОФ.
Почитувани,
Со овие подароци и аргументи сакаме да укажеме на потребата од координација меѓи државните институции и граѓанските организации, во насока на подобрување на квалитетот на услуги кои им се нудат на младите во Република Македонија и во насока на развој на нивните работни вештини заради обезбедување вработување на пазарот на трудот.
Средствата од ИПА може да се иксористат многу поефикасно, во интерес на младите во државата, доколку се земат во предвид искуствата на граѓанските организации.
Ви благодарам.