На 19-ти јуни (понеделник) 2017 година во просториите на ГЕМ Клуб, членовите на скопските Учиме право клубови присуствуваа на гостинско предавање одржано од страна на адвокатката Натали Петровска која е и в.д. Извршна директорка на Коалицијата Сите за правично судење. Средношколците имаа прилика да слушнат и научат нешто повеќе за тоа каков вид на образование и работно искуство се потребни за да се стане адвокат, каква е моменталната состојба со адвокатурата и правосудството во Република Македонија воопшто, но и за казненото право и кривичната постапка кои се специјалност на адвокатката Петровска.
Младите се интересираа за тоа какви се условите и можностите за водење на адвокатска канцеларија во нашата држава, каков е идеалниот кандидат за приправник или стручен соработник според мислењето на адвокатката, а прашаа и за нејзин став во однос на одредувањето на видот, висината и одмерувањето на казните. Програмата Учиме право упатува благодарност до адвокатката Петровска за одвоеното време и мошне интересниот пристап кој таа го одбра за водење на ова предавање, а се надева и на идна соработка со Коалицијата Сите за правично судење.