Барај
Close this search box.

„Граѓаните масовно да излезат на избори“

Преку дистрибуција на брошури, беџеви, налепници и други промотивни материјали, целодневниот јавен настан „Гласам“ ги потсети граѓаните на демократското право, но и на демократската обврска да гласаат на денот на изборите, а со тоа директно да ја унапредат демократијата во Македонија и да ја намалат можноста за изборни нерегуларности.
Настанот „Гласам“ кој се одржа на 15 мај 2011 (недела) во центарот на Скопје беше организиран од Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ) и Младинскиот образовен форум (МОФ).

„Гласањето е неопходен чекор за обезбедување учество на граѓаните во практикувањето на власта и на демократијата. Покрај можноста директно да се одлучува, овие избори се и шанса да се победат апатијата и стравот. Уставот на Република Македонија е гарант дека никој нема право да знае за кого граѓаните гласале, ниту пак тие имаат обврска да го соопштат изборот што го направиле.“ – изјави Ана Медарска од ФООМ.

„Младите мора да го срушат митот кој е познат како „мојот глас не вреди”.  Доколку младите излезат на гласање, ќе ги задолжат политичарите на одговорност и директно ќе влијаат врз својата иднина и врз европската иднина на Македонија. Илустрација на моќта на гласот е и статистиката која говори дека  50-те илјади студенти од УКИМ гласајќи можат да изберат 7 пратеници во Собранието на Република Македонија.“ – изјави Марјан Забрчанец од МОФ.

Во рамки на настанот минувачите играа и две интерактивни игри. Првата интерактивна игра ги повика граѓаните од големи стиропорни букви да состават една од пораките на кампањата: „Гласам ! Избори се ! Не молчи!“.

Втората интерактивна игра ги повика граѓаните со голема “Гласам” топка да ги срушат столбовите на кои беа испишани негативни пораки кои асоцираат на злоупотреба на изборите: фалсификат, измама, полнење кутии, местенки, бугарски воз, вреќа брашно и други.

Дополнително, ФООМ и МОФ  го претставија и наградниот конкурс за најдобар постер и најдобар краток видеоклип на тема „Зошто гласам?“, кој е достапен на веб страната www.glasam.org

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: