Мултимедијален настан „Слобода е…“
Граѓаните се свесни што се случува во општеството, но се исплашени и затоа молчат. Исплашени се сите, и младите, и новинарите, и уметниците и интелектуалците. Секој од нас треба да го зачува својот интегритет, да се залага за она што му е важно и за она што мисли дека е важно, и притоа, да пронајде храброст да се соочи со власта и нејзините притисоци. Борбата за слободата на изразувањето, за демократијата и слободата, воопшто, не смее да престане.
Ова накусо е пораката од дебатата: “Храброст или страв – што е посилно во борбата за слободно изразување?”, која се одржа на 2 декември, 2013 година, во МК, во рамките на мултимедијалниот настан „Слобода е…“, организиран од НВО инфоцентарот и Младинскиот образовен форум (МОФ).
Во двочасовната дискусија учествуваа: Суад Мисини, активист и аналитичар; Петрит Сарачини, активист и специјалист за медиуми; Љупчо Бубо Каров, К15 продукција; Кристина Леловац, актерка и активистка, и Марјан Забрчанец, активист и извршен директор на МОФ. Дискусијата ја модерираше, Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфоцентарот.
Клучните прашања на кои панелистите се обидоа да дадат одговор беа: дали индивидуата се чувствува загрозена од налетот на пропагандата, политичките и системските притисоци и дали, сепак, некаде постои никулец на граѓански активизами и борба за слобода; кога и како паднаа демократијата и слободата во политичкиот систем во Македонија и кои се нужните чекори што мора да се преземат за враќање на демократијата и слободата; професионалното и истражувачко новинарство во Македонија е во „кома“, и е заменето со пропаганда, манипулација, говор на омраза, оттаму, има ли шанса за негов спас односно како може да се врати интегритетот на професијата и да им се стави крај на цензурата и автонцензурата во новинартсвото; дали заради флоскулата „младите се иднината”, тие не треба да бидат загрижени за загрозената слобода во сегашност и можат ли младите да променат нешто; дали најсуптилниот, најатрактивниот, најсубверзивниот начин слободно да се критикуваат политичките и општествените состојби се хуморот и сатирата и дали заедно со слободата, згаснува и хуморот во Македонија; зошто голем дел од уметниците наместо да бидат авангардата на општеството, станаа апологети на сегашната власт и дали уметноста може да се одржува и развива во услови на контролирана слобода.
На мултимедијалниот настан „Слобода е…“ беа претставени сите кампањи и мултимедијални содржини (младински локални кампањи, фотографии, репортажни филмови, радио прилози, постери и есеи), кои четириесетина млади активисти од цела Македонија, ги реализираа и ги подготвија, а кои се однесуваат на слободата на изразување, борбата против говорот на омраза и заштитата на човековите права.
НВО Инфоцентарот и МОФ, преку проектот „Млади промотори на слободата на изразување“, финансиран од Европската унија, преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), сакаат да ја поттикнат креативноста на младите луѓе, но уште повеќе, да ги охрабрат и да ги обучат младите да бидат активни, гласни и видливи во битката за слободата на изразување и заштита на човековите права