Во Скопје за прв пат се одржаа тренинг дебати помеѓу македонските и грчките дебатери.
Дебатната програма на Младинскиот oбразовен форум, во соработка со Грчкото дебатно друштво и Меѓународната дебатна асоцијација- ИДЕА за прв пат организираше мини дебатен турнир во Британска парламентарна дебата, кој се одржа од 20 до 22 декември во просториите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ кој воедно беше и домаќин на настанот. Овој дебатен турнир е прв официјален турнир одржан помеѓу македонското и грчкото дебатно друштво.
Главни судии на турнирот беа Марија Мирчевска и Манос Мосхопулос.
На дебатниот турнир се натпреваруваа 10 македонски студенти од дебатните клубови на Правниот факултет „Јустинијан Први“- УКИМ,Филозофски факултет- УКИМ, Универзитетот „Гоце Делчев“ и 10 грчки дебатери од државните универзитети во Солун, Патрас и Атина, како и Американскиот факултет во Атина DEREE.
Целта на турнирот беше студентите да разменат искуства, како и да вежбаат дебата во мешани тимови според познавање и искуство во дебата и националност. Дебатите се одржаа на англиски јазик, a тезите на турнирот беа следниве:
Рунда 1: Овој дом би забранил меѓународно посвојување деца;
Рунда 2: Овој дом би организирал „контра“ ОИ на ОИ Сочи 2014 во знак на протест за непочитување на правата на ЛГБТ заедницата во Русија;
Рунда 3: Овој дом верува дека Папата Францис Први отворено треба да поддржи радикални левичарски кандидати и партии;
Финале: Овој дом би забранил политичарите кои не ги исполниле предизборните ветувања да се рекандидираат на избори.
Во иднина очекуваме овој настан да стане традиционален настан за двете организации и се надеваме дека повеќе дебатери и дебатни клубови ќе покажат интерес и ќе се вклучат во ова натпреварување во иднина.
Дебатната програма е поддржана од Фондација отворено општество Македонија, Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието и Инстуционалниот грант на Меѓународната дебатна и едукативна асоцијација(ИДЕА)