Групата Кунстверкштат на МОФ ја доби Гран при наградата на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани

Претставата „Илустрации за тоа како идејата го запрепастува човекот кој не е спремен за неа“ во режија на Наталија Теодосиева и Јаков Спасов, а одиграна од театарот Кунстверкштат на Младинскиот образовен форум, ја понесе Гран при наградата „Васил К. Ќортошев“ на 53. Драмски аматерски фестивал во Кочани.

Според жири-комисијата, наградата да биде доделена токму на Кунстверкштат, пресудна била „квалитетната колективна игра и вештото извршување на задачите во една комплицирана естетика“.

„Не очекував дека баш Гран при наградата ќе дојде кај нас, што не значи дека не сум свесна за тежината и квалитетот на оваа аматерска претстава. Верувам во неа уште кога кај мене во стан паѓаа првите идеи за реализација“, вели режисерката на претставата, а инаку дипломирана актерка, Наталија Теодосиева.

Идејата била зачната пред многу време од членовите на МОФ, инспирирани од тоа како се поставува и чита Хармс во нашите театри.

„Хармс стана актуелен и многу провокативен, за оној кој го обработува, а бога ми и за оној кој ќе биде публика. Затоа решивме да направиме претстава од наша перспектива“, раскажува Теодосиева за зачетокот на претставата.

Нејзиното познавање на делото и животот на Хармс, вели дека само „додало масло во огнот“.

„Случувањата низ кои поминуваме подолг период се главната инспирација и би рекла провокацијата за ова мое изразување преку претставата. Светот во кој живеам одлично се провлекува меѓу стиховите и редовите на Хармс. За среќа или несреќа, апсурд насекаде“, заклучува Теодосиева.

Најголем предизвик за неа како професионална актерка била да води група аматери, низ ваква материја и начин на работа. На почетокот, вели, сѐ изгледало невозможно, со оглед на тоа што актерите не посетувале часови по глума и студираат сосема различни факултети.

„Сепак, низ многуте вежби и импровизации, сфатија зошто ги малтретирам“, се шегува таа.

Кунсверкштат напорно и посветено се подготвувале за фестивалот два месеци.

Жири- комисијата на ДАФ ја сочинуваа: м-р Димче Николовски, режисер, Андреа Голуб, драмски уметник и Венцо Димитров, сценограф.

Наградата за најдобра режија беше доделена на Димитар Шутевски „за успешното фузирање на интимните желби и идеалите со проблемите на денешното општество“ за претставата „Дисфункција“ од Ана Жежовска, во изведба на Младинска сцена при Интимен театар – Битола. Истата претстава беше наградена и со Наградата за уметничка иновација и истражување во аматерскиот драмски израз, „за искрената пожртвуваност и штедроста во создавањето на авторскиот проект“.

Сите награди можат да се најдат на веб-страницата на Драмскиот аматерски фестивал.

Сподели