На 6 јули 2020 година, Министерството за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образование го предложи документот „Концепт за развивање на систем за образование од далечина во основните и средните училишта во Република Северна
Македонија“(Концепт за далечинско образование).
Како резултат на недостатокот на ученичката перспектива во рамки на предложениот Концепт за далечинско образование,
Младински образовен форум спроведе квалитативно истражување кое ги опфаќа ставовите на средношколци за далечинското образование.
Предложениот Концепт за далечинско образование претставува план за начинот на кој е замислено далечинското образование во основните и средните училишта започнувајќи од септември 2020 година и истиот содржи добра разработка на образовни промени,
поткрепени со извори и статистички податоци за досегашниот глобален резултат на далечинско образование, како и објаснување на некомплетната информатичка инфраструктура во образованието. Сепак, она што недостасува се конкретни насоки и
планови за поголема унифицираност во пристапот и квалитетот на образовниот процес во Република Северна Македонија започнувајќи од септември 2020 година.
Младински образовен форум, како младинска организација која работи на полето на младински и образовни политики, примарно со ученици од средно училиште, се одлучи да спроведе фокус-групи со средношколци бидејќи сметаше дека постои голем недостаток во поглед на нивна консултација во целиот овој процес. Целта на овие фокус-групи беше да се добие слика за процесот на далечинско образование во учебната 2019/2020 година од перспектива на средношколците и истите да се вклучат со свои коментари и препораки за понатамошното спроведување на далечинското образование.
Наодите на ова истражување, препораките и целата негова содржина стремат кон збогатување на фондот на информации за далечинското образование, но и кон подигнување на свеста кај сите засегнати страни – од средношколците, нивните родители, училиштата и наставниот кадар, министерството и образовните институции. Крајната цел е да се придонесе кон зголемен проток на информации и вклученост на средношколците во процесот на креирање на образовни политики, особено оние кои нив директно ги засегаат.
Целосниот документ е достапен тука. Далечинско образование низ призмата на средношколците
Истражувањето е дел од проектот „Ангажирање на младите за студентски и младински политики“, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.