Историјат

Младински образовен форум е основан во јуни 1999 година, под името Здружение на граѓани “Дебатери“. Претходно Дебатната програма беше составен дел од младинските програми на Фондацијата Отворено општество Македонија. Во декември 2000 година здружението го промени своето име во „Младински образовен форум“, со цел новото име да го опфати зголемениот број активности и програми.

Токму во тој период во активностите на МОФ се вклучува програмата Учиме право. Учиме Право е интернационална програма, која во Македонија датира од 1998 година, кога започна како проект координиран од ФООМ, и ABA CEELI (адвокатска асоцијација на САД).

Во 2006 година во рамките на МОФ се основа Студентската програма, која се јавува како резултат на зголемените активности на МОФ во полето на високото образование – реформа на системот на студентско организирање, заштита на правата на студентите и антикорупција во високото образование.

Од 2007 до денес, МОФ посветено работи на поддршка на неформалното образование и младинскиот активизам на национално ниво и локално ниво, развивајќи сопствени младински центри во партнерство со други младински организации ширум Македонија. Во младинските центри на МОФ се спроведуваат клубови по Дебата, Учиме право и Медиа/Арт.

На почетокот на 2011 година организацијата го лансира и својот медиум, Радио МОФ, како независен интернет простор кој е отворен за младинската, културната и креативната заедница во Македонија.

Во 2010-2014 година МОФ реализираше внатрешна програмска и организациска реструктура, со цел да ги интергрира сите свои активности во четири основни програми. Од тогаш, активностите на МОФ се појавуваат во рамките на Дебатна програма, Учиме право, Програмата за истражување, анализа и креирање младински и образовни политики и Програмата за Младински активизам.

Од своето основање до сега МОФ обезбедува неформално образование преку младински клубови за 1000 млади секоја година. 18.000 млади учеле дебата, учиме право и Медиа/Арт ги надградиле своите лични знаења и вештини, станале поинформирани и организирале настани за своите заедници.

Меѓу клучните постигнувања на МОФ од последните години може да се споменат:  придонес во реформа на студентското организирање и Законот за високо образование, мониторинзи на студентски избори, придонес кон повлекувањето на штетното екстерно тестирање и петиција со 26.000 потписи во 2013, поддршка на 500 невработени млади да добијат работни вештини и да најдат или создадат свое вработување преку обуки за работни вештини и менторство на претприемачки иницијативи и истражувачки трудови, менторство на 7 младински истражувачки трудови, предлози за измена на Законот за средно образование за да се гарантира организирањето учениците, фасилитација и формирање на 12 локални младински совети како претставнички тела за млади во 12 општини во 2015 и 2016, учество во осмислување и организирање на ТВ програмата Отворено на телевизија 24 Вести и клучен придонес да се воспостави во Македонија Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан.

МОФ има соработувано на проекти со следниве партнери, донатори и меѓународни организации: Европска  комисија, Фондациите Отворено општество, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Американската Амбасада во Македонија, USAID,  Македонски центар за граѓанско образование, Civica Mobilitas, Македонски центар за меѓународна соработка, National Endowment for Democracy, Center for International Private Enterprise, Национален демократски институт, Амбасадата на Кралството Холандија, Фондација Песталоци, Британската Амбасада во Скопје, Меѓународна дебатна едукативна асоцијација IDEA NL, Куќата на Ана Франк – Амстердам, Европска младинска фондација, UNDP, OSCE, UNICEF, Институт за комуникациски студии, Хрватска асоцијација на новинари, Хелсиншкиот комитет за човекови права во Република Македонија, ХЕРА, Коалиција Маргини, Национален младински совет на Македонија, Влада на РМ, Град Скопје, ГИЗ и други.

Сподели