[Истражување] Секој четврти студент никогаш не одел на пракса, иако е задолжителна

Дури 25,4 проценти од примерок на студенти на Универзитетот „Кирил и Методиј“ не оствариле практична настава, иако знаат дека е задолжителна. Најголем дел од праксите се изведуваат во приватни компании поради нивната достапност, но 28,3 проценти од нив не добиле никаква финансиска компензација за својот труд.

Ова се само дел од податоците изложени во истражувањето на студентите Соња МитиќДеа Здравковска и Петар Барлаковски.

Во нивното истражување ги опфатиле Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Економскиот Факултет и Правниот Факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје.

За да добијат информации и искуства од сите засегнати страни, направиле и интервјуа со девет фирми и компании, а преку писмен прашалник анкетирале и 142 студенти (54 од ФИНКИ, 43 од „Јустинијан Први“ и 45 Економскиот факултет).

Иако сите испитаници опфатени во примерокот би требало барем еднаш во текот на студиите да имаат остварено студентска пракса, анализата на податоци укажува на поинаква реалност.

„Нашите анализи посочуваат на фактот дека секој четврти студент од последните години на неговите студии нема остварено студентска пракса. Единствено мало отстапување е Економскиот факултет каде што истото се однесува на секој петти студент“, пишуваат во истражувањето Барлаковски, Митиќ и Здравковска.

Сепак, скоро сите испитаници знаеле дека се обрврзани за извршување на задолжителна пракса.

Од трите факултети, единствено ФИНКИ има целосен систем на евиденција за студентите кои имаат остварено студентска пракса.

Според Правилникот за начинот и условите за организирање на практична настава за донесен од Министерството за образование и наука (МОН), праксата е задолжителна за сите студенти по завршување на првата година од нивните студии.И покрај тоа што овој правилник е донесен во септември 2010 година, истражувачите заклучуваат дека ниту една надлежна институција не направила ревизија за спроведувањето и ефектите од задолжителната студентска пракса за студентите на државните и приватните универзитети во Република Македонија.

Како потенцијална причина поради која одреден број на  студенти немаат извршено студентска пракса, тие ја посочуваат нивната неинформираност во однос на достапните понуди и можности за извршување на истата. Само Економскиот факултет и ФИНКИ имаат објавено јавна листа со фирми и компании каде што студентите можат да реализираат студентска пракса и редовно ги информираат своите студенти за можностите за остварување студентска пракса во овие институции, покажува истражувањето.

Според податоците, најпривлечно место на студентите за реализирање на практичната настава претставуваат приватните компании, со процент од 76,42 од вкупниот број на испитаници. Овој процент е уште поголем кај студентите од ФИНКИ (89,74%), и кај студентите од Економскиот факултет (86,11%). Единствено кај Правниот факултет „Јустинијан Први“ има мала заинтересираност, со 48,39%.

Мнозинството од испитаниците не добиле никаква форма на паричен надомест, што е показател дека работодавците не го ценат во целост трудот на практикантот. Драстично отскокнување од овој процент се студентите на ФИНКИ, каде што мнозинството, односно 53,85% добиле некаков вид на финансиски надоместок за извшената работа.

Од девет интервјуирани фирми, само две сметаат дека нема потреба на практикант да се даде финансиски надоместок, сметајќи дека на тој начин студентот ќе биде мотивиран, повеќе ќе работи и ќе допринесе поголем бенефит за фирмата.

Но, ова не е ставот кој го делат студентите, кои сметаат дека нивниот труд и придонес кон институцијата каде што е остварена праксата треба да биде финансиски вреднуван. Иако не сите студенти од последните години на нивните студии имаат остварено студентска пракса, речиси сите студенти сметаат дека истата треба да го задржи својот задолжителен статус.

Сите испитани факултети имаат склучено меморандум за соработка и договори за извршување на практичната настава со повеќе компании и институции. Но, само кај ФИНКИ и Економскиот факултет, студентите се обрврзани да извршуваат студентска пракса единствено во институциите и компаниите со кои факултетот има склучено меморандум за сорабтока. Правниот факултет „Јустинијан Први“ не ги бира правните лица каде што студентите би ја извршувале својата пракса, туку тоа е оставено на слободната волја, односно избор на студентот.

Фактот што мнозинството од студенти немале ментор од соодветниот факултет, претставува кршење на одредбите на Правилникот на МОН, нагласено е во истражувањето. Всушност, најголем број од забелешките упатени од страна на студентите се однесуваат токму на овој проблем. Од оние студенти кои имале ментор од високообразовната институција, неговота достапност ја оцениле со средна вредност од 4.03, каде што 1 претставува воопшто не е достапен, а  5 – постојано беше достапен. Иако дури 82.02% од испитаниците добиваат ментор од страна на институцијата каде што е извршена праксата, истражувачите сметаат дека присуството на ментор од високообразовна институции има уникатни придобивки за студентот практикант.

Честа фраза со која студентите го опишуваат своето искуство, е фразата Праќање по бурек. Со тоа ги опишуваат задачи кои го навредуваат и девалвираат нивниот капацитет и потенцијал. Една од основите зошто е добра студентската пракса е дека студентот се соочува со предизвици кои се во областа која ја изучува, а не правењето на пијалаци и купување на храна во времето за пауза, се наведува во истражувањето.

Практичната настава во Република Македонија е регулирана со Правилникот за начинот и условите за организирање на практична настава за студентите. Овој правен акт е донесен од страна на МОН и е задолжителен за сите универзитети, односно факултети во Република Македонија. според него праксата не може да трае помалку од еден, ниту пак повеќе од осум часа во денот. За нејзиното времетраење, студентот треба да е под надзор на ментор од високообразовната установа, кој одговара за успешно реализирање на практичната настава.

Сепак, според истражувачите правилникот е премногу општ, а поради флексибилните прописи факултететите несоодветно ја регулираат праксата. Како најголем проблем ја лоцираат неговата имплементација.

Според истражувачите, суштинската причина поради која студентите одбираат да не извршуваат пракса е владеењето на општо незадоволство од начинот на спроведување на праксите кои моментално им се нудат.

Студентите истражувачи додаваат дека резултатите добиени во ова истражување, спроведено во рамки на проектот „Градење на следната генерација на младински лидери“, спроведен од Младинскиот образовен форум и Институтот за европска политика – Скопје, може да служат како индикации, но не се доволни за осознавање на целосната слика и фактичката состојба на задолжителната студентска пракса.

„Нашата најголема порака е насочена кон факултетие, универзитетите и Министерството за образование и наука. Како институции со огромен капацитет да добијат релевантни податоци од областа на студентската пракса, нивната волја и посветеност е клучна за адресирање на проблемите идентификувани во ова истражување“, подвлекуваат.

Тие се надеваат дека сознанијата презентирани во нивниот труд ќе служат како основа за понатамошни теоретки разгледувања, истражувања и анализи кои ќе имаат за цел да го зголемат квалитетот на студентската пракса и помогнат во процесот на пласирање на студентот на пазарот на трудот.

С.Т.

Сподели