Програмата за истражување, анализа и креирање на младински и образовни политики креира и спроведува истражувања кои се примарно насочени кон анализа на квалитетот на образовните и младинските политики.
Програмата е реакција на недостатокот на информации и транспрентност за состојбите во образованието. Со истражувањата кои ги реализира Програмата, се надеваме дека ќе обезбедиме можност за креирање на поефективни и поинклузивни политики во оваа област.
Истражувањата се фокусирани како кон разбирање на ставовите и перцепциите на младите, така и кон респонзивноста и отчетноста на институциите. Со овој двонасочен пристап се надеваме дека ќе добиеме појасна престава за реалната состојба, врз што понатаму ги темелиме нашите политики за застапување.
Програмата во 2018 започна со менторство на млади истражувачи ентузијасти преку што им дава поддршка да ги реализираат своите први истражувања. До сега беа реализирани два циклуса од 8 менторства, а беа вкупно менторирани 18 млади истражувачи.
Програмата на своите членови им овозможува спроведување на емпириски истражувања и изработка на анализи, преку запозанавање и директно вклучување во сите фази на истражувачкиот процес.
Дел од последните истражувања објавени од програмата во 2019 се:
– „Популаризирање на руралноста – Потенцијалите на руралното коработење и ефектот врз миграциските трендови на младите во Република Северна Македонија“ – Елена Андонова и Ѓорѓи Димески
– „Улогата и работата на центрите за кариера при факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Ангела Тасевска
– „Анализа на врсничкото насилство на интернет кај средношколците“ – Симона Стојчевска
– „Националистички чувства и ставови кај средношколците во Република Северна Македонија“ – Исаја Карадаковска, Емилија Божиновска и Мартина Георгиевска.
Во декември 2019 беше презентирана студијата за социо-политичко учество на младите – „Апатија, оптимизам или разочараност?“. Автор на студијата е Мартин Галевски, а истата е изработена во соработка и со поддршка од Фондацијата за демократија на Вестминстер. Студијата може да се преземе на македонски и албански јазик од веб страната на Фондацијата за демократија на Вестминстер
Во јануари 2020 беа промовирани две истражувања: „Анализа на јавни набавки во студентските домови“ и „Крпен студентски живот – истражување за животниот стандард на станарите во ДСД – Скопје“.
Сите истражувања може да се најдат на: https://issuu.com/youtheducationalforum