(Из)вонредно предавање #5 – Средината на кругот – вовед во право

Петтото предавање од циклусот (Из)вонредни предавања во организација на Младински образовен форум е посветено на правото. Отвореното предавање за млади е насловено „Средина на кругот – вовед во правото“ и истото ќе се одржи на 21-ви април во 18:00 часот на платформата за видео комуникација Zoom.  Предавањето ќе го одржи нашиот член Вилдан Дрпљанин, а инспирацијата за насловот и описот на предавањето е позајмена од Дејв Егерс и неговата книга „Кругот“.

Предавањето ќе ги истражува дилемите илустрирани преку примерот на The Circle и ќе се обиде да ги воведе слушателите во светот на правните норми. За да се постигне целта, излагањата ќе варираат околу три главни прашања:
1. Зошто и како правните норми го диктираат секојдневниот живот и однесувањето помеѓу луѓето?
2. Возможен ли е баланс помеѓу правата и одговорностите, како и општото јавно добро и личната благосостојба?
3. Зошто човековите права се темелна вредност што ги создаваат и одржуваат правните системи?

За да го проследите предавањето треба да го пополнитe краткиот прашалник: https://forms.gle/QJoc5heha3Bx3tPV6
Доколку веќе сте регистрирани за (Из)вонредните предавања, кога ќе дојде терминот за предавање ние ќе ви испратиме е-маил со линк до предавањето.

Повеќе за инспирацијата за предавањето и сижето на книгата „Кругот“: Меј Холанд добива работа во најмоќната технолошка компанија во светот: The Circle. Компанијата нуди многу погодности за своите вработени и посветува посебно внимание на комуникацијата: сè што се случува мора да се знае. Меј започнува во секторот „грижа за корисници“, но поради нејзините одлични резултати таа брзо се искачува по хиерархиските скалила на компанијата. За време на нејзиниот работен ангажман, компанијата развива специјални технологии и изуми, како на пример преносна мини-камера која се прикачува на главата за да може да обезбеди 24-часовно следење на луѓето и да снима детални видеа во живо со видик од местото каде што е инсталирана камерата. Технологијата се нарекува „SeeChange“ и луѓето на кои им е инсталирана воопшто не мораат да знаат дека камерите се таму. Компанијата верува дека „SeeChange“ е револуционерен изум и дека ќе биде клучна алатка за целосно искоренување на криминалот и неморалното однесување.

„Приватноста е кражба!“, „Станете и вие транспарентни!“, Тајните се само скриени лаги!“ – се дел од клучните пораки во кампањата што ја водат Меј и нејзината компанија додека со огромна брзина го придобиваат светскиот пазар и „SeeChange“ станува новата реалност. Неколку пријатели се обидуваат да ја запрат Меј и да ја натераат да види дека компанијата оди предалеку, но таа одбива да слуша и ги обвинува дека го бранат ужасното статус-кво. Кон крајот на книгата, еден од основачите на компанијата се обидува да ја згасне компанијата затоа што се плаши дека „SeeChange“ станува светски тоталитарен режим и ја нагласува потребата за приватност, а притоа бара помош од Меј за да може да го сопре производството. Што треба Меј да направи?

Отворените предавања за млади се организираат во склоп на проектот Ангажирање на младите за студентски и младински политики, поддржан од Фондација Отворено општество-Македонија.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: