На 23.02.2019 Младински образовен форум организираше целодневен настан „Изборни предавања за млади“ каде 30 учесници имаа можност да се стекнат со широк спектар на знаења од темите на економија, човекови права и технологија како и нивна примена во компетитивна дебата.
Предавањата беа одржани од искусни предавачи со познавања од специфичните теми. На првото предавање одржано од Ѓорѓи Димески, посветено на темата „Интегрираност на глобалната економија“, младите имаа можност да се стекнат со знаење за тоа кои се клучните економски термини, за прекуграничната соработка и нејзината историја, трговските политики и нивните ефекти како и глобалните трендови во трговијата и меѓународното дејство на истата. На второто предавање, одржано од Вилдан Дрпљанин, чијашто тема беше ,,Основи на човекови права” младите имаа можност да се запознаат со историјатот и теориите на човековите права, нивното значење и разликување во посебни групи, како и исклучоците во кои истите не важат.
Завршно, на третото предавање кое го одржаа Соња Митиќ и Стефан Калабаков, присутните можеа да дознаат повеќе за ,,Технологијата во дебатата” при што младите учеа и дискутираа за актуелните концепти и предизвици на технологијата во модерните општества, приватноста и анонимноста, подемот на вештачката интелигенција како и праведноста на алгоритмите за одлучување.
Активноста се спроведува во склоп на проектот: Ангажирање на младите за студентски и младински политики, поддржан од ФООМ.