Викендов од 21-ви до 23-ти декември во СУГС „Орце Николов“ во Скопје, се одржа 10-тото Национално дебатно првенство за почетници.
Ова првенство традиционално е организирано од Младински образовен форум (МОФ) и е најголемиот дебатен турнир, кој организацијата го одржува секоја година со цел да им овозможи на своите членови – дебатерите почетници да ги одмерат во пракса своите дебатни вештини стекнати за време на предавањата по дебата и аргументирано изразување.
На турнирот учествуваа повеќе од 150 дебатери – натпреварувачи, судии и волонтери од дебатните клубови на МОФ во Скопје, Велес, Тетово, Куманово, Битола и Прилеп. Турнирот кој траеше три дена вклучуваше 5 прелиминарни рунди, полуфинале и финале.
Победник на јубилејното издание на турнирот беше тимот составен од Тодор Усовиќ, Исак Мисини, Дорис Христовска додека второто место на турнирот го зема тимот составен од Мартина Поповска, Александар Ступар и Мишел Јовановска. На турнирот беа прогласени и најдобрите говорници дебатери: Ирена Димеска, Михаела Трајковска, Јована Ангеловска.
Во изминатите неколку дена, младите средношколци, учесници на турнирот ги предизвикаа сопствените ставови и дискутираат за демократските вредности и политичките режими на владеење дебатирајќи на тезите „Овој Дом Претпочита технократска автократија пред популистичка демократија“ и „Oвој Дом Верува Дека силна диктатура е подобро од слаба демократија“.
Ова дебатно првенство имаше за цел да промовира компетитивност помеѓу младите базирана на организирана и аргументирана дискусија.
Националното дебатно првенство за почетници е поддржано од Меѓународната дебатна образовна организација – ИДЕА и Програмата Европа за граѓаните на Европската Унија.
Голема благодарност до Виталиа ДООЕЛ и СУГС „Орце Николов“ за поддршката при реализација на ова дебатно првенство.