Изложба во Концепт 37: Постави срце – за подобар училишен инвентар

Во вторник (8 април) во Концепт 37 ќе се отвори изложбата „Постави срце“ која е резултат на повеќемесечната онлајн акција на четири средношколки од Скопје за собирање фотографии од оштетен инвентар во училиштата низ Македонија.

Целта на „Постави срце“ е да ги потенцира желбите на учениците за подобра образовна средина и да ги приближи до оние кои треба да го решат проблемот на немање квалитетен инвентар за работа и учење.

Онлајн акцијата беше наменета за сите средношколци кои сакаат да учат во училиште кое ќе обезбеди функционална работна средина. Во изминатите месеци беа изработени срциња од страна на организаторите и учесниците на акцијата кои беа поставувани во училиштата на оние места каде што беше потребна интервенција.

Под мотото „Постави срце за подобар училишен инвентар“ 40 свои фотографии ќе претстават учениците од средни училишта од Скопје, Велес, Битола, Неготино и Тетово.

Отворањето на изложбата е закажано во 19 часот. Настанот е организиран во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество спорведен од страна на Фондација Отворено општество – Македонија и Младински образовен форум.

Сподели