Барај
Close this search box.

Изложбата на документи и фотографии „Ана Франк, лекции за денес“ во Велес

Да се допре до младите, на средношколска возраст, за да се запознаат со неколку исклучително важни општествени теми како што се дискриминација, расизам, антисемитизмот и борбата со предрасуди и стереотипи. Младите да не судат по потеклото, изгледот или било која друга основа. Ваква цел има изложбата документи и фотографии „Ана Франк, лекции за денес“ што денеска, на Меѓународниот ден на холокаустот, во средното стручно училиште „Коле Неделковски“ во Велес ја отвори Младинскиот образовен форум. Изложбата говори за ужасот што нацизмот и холокаустот го сторија во втората светска војна над Евреите.

– Водичи на оваа изложба ќе бидат млади луѓе поточно средношколци кои се обучени од страна на МОФ. Изложбата ќе биде отворена за пошироката јавност особено за учениците од основните и средни училишта. Водичите ќе се обидат на еден интересен и неформален начин да ги претстават сите овие панели кои што го опишуваат целиот хорор што се случувал за време на нацистичкиот режим, во втората светска војна, рече Димитар Низамовски од Младински образовен форум.

На поголем дел од изложбените панели, точно 32 панели се наоѓаат фотографии што прикажуваат дел од животниот пат на светски познатиот лик, девојчето Ана Франк, кое не доживеа старост само затоа што беше Еврејка. На 7 панели е прикажан животот на Евреите во Македонија. Нив, во наредните седум дена можат да ги видат и сите заинтересирани граѓани на Велес.

– Учениците водичи се претходно едуцирани. Очекувам дека меѓуврсничката едукација може да даде поголеми резултати. Мислам дека на тој начин учениците од градот ќе можат дополнително да се запознаат со холокаустот и животот на обичниот човек во времето на нацизмот и холокаустот во Европа, рече координаторот на проектот во Велес проф. Весна Стојанова Богоевска.

Изложбата која говори за животот на Ана Франк ја креирала истоимената Фондација од Холандија. Историчарите проф. др. Бесник Емини и проф. др. Мишо Догмановиќ се автори на изложбениот дел кој говори за животниот пат на македонските Евреи. Овој проект е регионален и освен во Македонија се реализира уште во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска./У.Ј

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: