Ни претставува особена чест да ве поканиме да присуствувате на јавната дебата на теза „Овој дом (не) верува дека Болоњскиот систем донесе поголем квалитет во македонското образование“ која ќе се одржи на 24.04.2013 година (среда) со почеток во 11 часот во свечениот амфитеатар (амфитеатар 1) на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Воведничар на дебатата ќе биде проф. д-р Зоран Велковски.
Настанот ќе се одржи во рамките на манифестацијата „Ден на високото образование на Универзитетот Свети Кирил и Методиј“. Покрај оваа активност, предвидени се многубројни презентации на активностите и проектите на Универзитетот, разговори со наставниот кадар, наградни игри за посетителите, голема забава со концерт на студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје, Пламенка Трајковска и квартет и групата СУПЕРХИКС .
Дебатата е организирана од дебатните клубови на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Младинскиот образовен форум. Почнувајќи од октомври, Младински образовен форум во соработка со три факултети од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ започна со спроведување на редовни предавања по дебата за студентите. На Економскиот факултет, Филозофскиот факултет и Правниот факултет „Јустинијан Први“, во текот на целата академска година, предавачите на МОФ ги водат редовните предавања на дебатните клубови, а планирано е да се одржат и дополнителни предавања од страна на академски професори и експерти, со цел студентите да научат повеќе содржини кои може да им помогнат во дебатите.
Со задоволство го очекуваме Вашето присуство и се надеваме дека активно ќе се вклучите во оваа актуелна дискусија преку презентирање на Вашите согледувања и ставови.