Барај
Close this search box.

Јавноста е жедна за дебата

На двочасовната дебата на настанот Аргумент – Организирано изразување во организација на Младински образовен форум, која се одржа вчера во конгресниот центар City Hall, претставници од двете најголеми политички партии ги судрија ставовите за нивото и квалитетот на дебата и дискусија во Македонија. Премисата дека Македонија е парламентарна држава и дека парламентот и медиумите се двете места каде што можеме да следиме квалитетна дебата на важни општествено–политички прашања беше дискутирана од страна на присутните пратеници, новинарите како гости говорници и бројната публика.

Поделени во афирмативен и негациски тим според  ставовите кои јавно ги застапуваат Александар Спасеновски и Влатко Ѓорчев од едната и Радмила Шекеринска и Игор Ивановски од спротивната страна дебатираа на тезата „Овој дом верува дека во Македонија (не) постои доволно дебата за развoj на демократијата“. Дебата се одвиваше во формат подготвен од МОФ кој овозможуваше еднакво учество на сите говорници во дискусијата и простор за судир на ставови. 

Афирмативната страна го застапуваше ставот дека во Македонија постои дебата и во медиумскиот простор и во Собранието чии што седници се јавни и отворени за граѓаните на Собранискиот ТВ канал. Дополнително, дискусија постои и во онлајн сферата, а особено на социјалните мрежи.

Сепак, заклучокот е дека никогаш не може да постори доволно дебата во едно општество и дека секогаш треба да се стремиме кон повеќе.

Квалитетот на демократијата покрај алатките кои постојат зависи и од политичките партии. Покрај достапните алатки зависи и од опозицијата. Ако го земеме за пример Собранието на Македонија, ќе забележиме дека постојат мноштво механизми кои ни се достапни, но карактерот на дискусијата зависи од оние кои ги користат.“Александар Спасеновски.

Негативната страна пак тврдеше дека дебатата ја нема, ни во Собранието ни во медиумите. Според негативната аргументација собраниската дебата не може да се нарече дека е дебата која води кон демократија, а медиумите не се однесуваат како независни извествувачи. Опозицијата истакна и дека овој настан, иако во квалитетна форма на структурирана дебата пред и со јавноста, не може да се смета за постоење на дискусија затоа што претставува реткост во јавната сфера, а не пракса во земјата. 

„Проблемот во Македонија е во тоа што последниве години се навикнуваме дека нема дебата. Зборуваме за парламентот како место каде што се одвива дебата, но всушност таму имаме власт која крева рака и гласа и опозиција која критикува. Во Македонија нема дебата бидејки и медиумите се под стеги на власта. Во Македонија имаат слобода да говорат сите, се додека не се затворени и нивните фамилии сатанизирани. Има слобода само за оние кои имаат дозвола за слобода. (…) На најважната тема во Р. Македонија, проблемот со името, наместо дебата имаме најголема тишина. Кога во една држава се молчи за најважните прашања, нема демократија “Радмила Шекеринска.

„Во оваа држава каде што секој граѓанин смета дека го прислушкуваат, дали мислите дека во ваква држава има демократија?“Игор Ивановски 

На дебатата покрај пратениците кои беа во својство на дебатери, учество земаа и македонските новинари Оливера Трајковска, Снежана Лупевска и Мухамед Зекири во својство на гости говорници, кои го дадоа својот став на прашањето за дебатата во Македонија преку новинарската призма.

Снежана Лупевска ја нарече дебатата како само уште еден дијалог на глуви, каде двете страни дебатираат, но не се разбираат што сакаат да кажат. Упати критики кон двете страни, кон опозицијата која не ги искористува можностите кои и се нудат како опозиција и кон власта која дојде на власт а не се појави на лидерска дебата.

„Јас сметам дека дебата нема бидејки така сака политичкиот систем. Не сметам дека има дебата и во парламентот и би се согласила со опозицијата дека во парламентот власта само крева раце и гласа.“Оливера Трајковска

Трајковска својот говор го заврши со прашањето „Не е прашањето дали има дебата, туку дали публиката сака повеќе?“

„Во Македонија нема доволно дебата, но овој настан е добар репер дека во Македонија има надеж и има можност за дебата.“ – Мухамед Зекири

Дебатата беше проследена од 300 гледачи во салата, додека над 600 ја следеа преку преносот во живо на интернет. И во салата но и на социјалните мрежи се разви дискусија за дебатата, каде се цитираа најсилните изјави, се побиваа аргументи и се покренуваа нови прашања. Публиката на настанот покажа дека не само што е желна за дебата, но е и зрел учесник во дискусијата кој има многу прашања и ставови кои треба да бидат чуени. 

Младински образовен форум го организира настанот Аргумент – Организирано изразување со цел да ја подигне културата на дијалог и квалитетот и етичноста на јавниот дискурс, да ги покрене важните прашања, но и да ги поттикне јавните лица за учество во фер и аргументирана дискусија. 

Настанот беше поддржан од Алфа телевизија, Метрополис радио, Факултети.мк и студентското списание „Излез“.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: