Со Конференцијата за млади и образование како последен настан за 2019 година, МОФ го одбележа 20 годишното постоење и работа. Низ три панел-дискусии, на најзначајните теми на кои МОФ постојано работи во своето постоење, беа изнесени најзначајните успеси на организацијата и се зборуваше за идните приоритети кои ќе бидат во фокус на организацијата.
- Неформално образование, коректив или интегрален дел од образовниот процес;
- Иднината на образованието – што (мора да) следи?; и
- Младински прашања кои (допрва ќе) стануваат приоритети – беа трите теми на кои се дискутираше со присутните говорници на настанот.
Споменка Лазаревска (ФООМ), Митко Димовски (СУГС „Орце Николов“), Нами Исаки (ЦИД) и Михаела Трајкоска (МОФ) беа говорниците на првата панел-дискусија – Потребно е образованието да одговара на актуелните потреби на младите, а тоа нераскинливо се прави преку имплементирање на добри пракси од неформалното обраозование, истакна Споменка Лазаревска. Не само формално образовните содржини и пристапот на професорите, туку и слободата на младите да се изразуваат и учеството во вон-наставни активности е она што нè прави училиште признаено како едно од најдобрите училишта, сподели Митко Димовски (СУГС „Орце Николов“). Младите од различни средини и со различна етничка позадина сакаат и можат да работат заедно, но потребна им е поддршка – Нами Исаки (ЦИД). Треба што повеќе млади да се вклучат во неформално образование, за разлика од училиштата каде професорите се авторитет, во младинските клубови имаме пријатели од кои учиме и со кои ги надградуваме своите вештини – Михаела Трајкоска (МОФ).
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, претставничката на УНИЦЕФ во земјата, Патриција Ди Џовани, Дона Костуранова, поранешната извршна директорка на МОФ (Фондација за демократија на Вестминстер) и Илија Жупановски, поранешен претседател на МОФ (Влада на Република Северна Македонија) зборуваа за Иднината на образованието. Потребно ни е повеќе вистинска дебата за да ги направиме вистинските одлуки и политики, сподели министерот Арбер Адеми (МОН). Важен ни е диверзитетот во училниците, колку повеќе различни ученици во училниците, толку поголеми се шансите за постигнување на академски успех – Патриција Ди Џовани (УНИЦЕФ). Младите се производ на општеството, какви и да се условите во кои растат, тоа не е нивна вина, а ги гради нив, сè уште ги учиме на предмети по методологија креирана во 60-тите години, а простор за освежување и тоа како има – Дона Костуранова, Фондација за демократија на Весминстер, поранешна извршна директорка на МОФ. Квалитетот на образованието го детерминира квантитетот на кадарот кој понатаму ќе ги преземе сите општествени сектори, а токму на ова и треба да се посветиме – сподели Илија Жупаноски (Влада на РСМ).
Во третиот панел за Младинските прашања кои (допрва ќе) стануваат приоритети дискутираат Ивана Туфегџиќ (Собрание на РСМ), Владимир Петрушевски (УКИМ), Марјан Забрчанец, поранешен извшрен директор на МОФ (Влада на РСМ) и Гордана Колова (НМСМ).
МОФ низ годините работи на полето на подобрување на формалното образование и обезбедување на младински простор низ кој младите учат аргументирано да дискутираат и ги унапредуваат своите права, но и млади кои активно ќе се борат за промените што сакаат да ги направат. Од основањето до денес, во клубовите за млади на МОФ членуваа повеќе од 15 000 млади кои негуваат критичка мисла и учат како конструктивно и аргументирано да се изразуваат.
Конференцијата е дел од Проектот за Ангажирање на младите за студентски и младински политики поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.