Радио МОФ ве повикува да учествувате на нашиот конкурс за најдобра фото-приказна на темата: „Време на херои“. Повикот е отворен до 10 јули, а условите за пријавување се подолу во текстот.
Mинатиот турбулентен период нашите мобилни камери овековечија многу урбани херои. Личности кои дадоа сè од себе за слободата и солидарноста.
Личности кои ги бакнаа штитовите:
Подадоа цвеќе наместо пендрек:
Го издигнаа зборот студент:
Им помогнаа на оние на кои им е потешко:
Се згрбавија за туѓите права:
Возеа точак за да можат да возат сите:
Застанаа храбро пред кордонот:
Рекоа „не“ на насилството:
Го исмеаја барокот:
Овој конкурс има за цел да ја овековечи нивната приказна. Прелистајте ги вашите телефони или фотографирајте низ вашиот град и споделете ја нераскажаната приказна на #ВремеНаХерои.
За да учествувате на конкурсот, потребно е да испратите ваша фотографија (или фотографии) со краток текст како објаснување. Содржината треба да го претстави вашиот херој од секојдневието. Тоа може да биде која било личност која со своите активности и постапки прави позитивна промена во нашето опкружување. Такви херои денес има многу. Тоа се луѓе кои даваат сè од себе да го подобрат општеството за сите, да и помогнат на својата заедница и на другите луѓе, кои сакаат да направат промена, кои не се плашат да го искажат своето мислење, кои се жртвуваат за на другите да им биде подобро, кои застануваат во одбрана на човековите права, демократските вредности и солидарноста.
Услови за учество:
На повикот може да учествуваат сите заинтересирани млади преку испраќање фотографија и текст на темата „Време на херои“.
Една фото-приказна може да има меѓу една и три фотографии, а текстот на секоја поеднинечна фотографија не смее да надминува повеќе од пет реда. Бројот на различни фото-приказни кои може да ги испрати секој учесник е ограничен на три.
Конкурсот е отворен од 23 јуни и ќе трае до 10 јули 2015 година. Сите идејни решенија ќе бидат објавени на нашата веб-страница www.radiomof.mk.
Победникот ќе биде избран преку гласање на www.radiomof.mk, како и преку бодување од страна на жири-комисија која е составена од фотографот Ванчо Џамбаски и претставник од Радио МОФ. Најдобрата фото-сторија ќе биде наградена со Nokia Lumia 1020, телефон чија камера има 42 мегапиксели.
Апликациите треба да се поднесат на konkursi@mof.org.mk, заедно со контакт телефон, име и презиме на авторот и година на раѓање.
Испратените комплетни апликации не смеат да надминуваат 20 мегабајти.
Повеќе примери:
Фото-приказните, само за пример, можат да изгледаат како фотографиите и нивните описи на следните линкови:
The weekend in pictures – The Guardian
http://www.theguardian.com/news/gallery/2015/jun/07/the-weekend-in-pictures
Gone fishing – BBC
http://www.bbc.com/news/magazine-33047435
Авторот на делото треба да има дозвола од луѓето кои се на фотографијата. Дополнително, фотографијата треба да биде направена од оној кој аплицира на конкурсот. Доколку се утврдат нерегуларности, апликантот ќе биде дисквалификуван.
*Фотографиите од примерите погоре се преземени од: DeutcheWelle, Радио Слободна Европа, Либертас, фејсбук-страниците на Студентски пленум, Критична маса на точак и други потенцијални херои.
** Огромна благодарност за илустрацијата до Немања Трајковиќ <3