Младински образовен форум во чии рамки активни се неколку младински програми и тоа дебата, учиме право, медиа/арт, клубови за демократско учество, новинарски клуб и клубови за претприемништво, направи преглед на своите маjски активности.

Во мај, дебатната програма заврши со своите дебатни предавања. Додатно, во рамки на програмата започнаа со подготвувањето на петте дебатери кои ќе ја претставуваат Северна Македонија на Светското дебатно првенство во форматот „World Schools“. Се одржа изборно предавање на тема „Климатска политика и дебатирање на тези за климатски промени“ преку кое дебатерите добија знаења за аргументација и насоки за истражување на тези за моменталните климатски политики.

Додатно во текот на мај дебатната програма беше вклучена и во креирање на младинските кампањи во склоп на програмата за Младински политики и ангажираност преку младински кампањи која МОФ ја спроведува во соработка со Еквалис, Хера и Психотерапика.

Во рамки на програмата за артивизам и активизам се одржа десеттото јубилејно издание на ENGAGE – конференцијата за социјален активизам.

Голем број домашни и странски активисти, поединци и иницијативи кои се залагаат за општествени промени на 29-ти мај беа дел од десеттото, јубилејно издание на Конференцијата за социјален активизам ENGAGE, кое годинава го имаше своето прво хибридно издание каде што домашните говорници говореа во живо од МСУ, додека пак странските говорници се вклучуваа преку платформата за видео комуникација ZOOM.

На платото на Музејот на современа уметност се зборуваше за активизмот, промените кои ги донесе пандемијата, но и за пркосот на оние кои решиле да ѝ се спротивстават на апатијата, со цел да го направат светот подобро место за живеење и да се изборат за општествени промени.

На ENGAGE 2021 виртуелно учествуваа интернационалните говорници Гитанџали Рао, иноватор и научник од САД, DJ Switch, активистка и диџејка од Нигерија, Вандита Морарка, квир активистка и адвокат за човекови права од Индија, Јигит Гоктуг Торун, активист од Турција и  Влад Илич, македонски актер и комичар кој живее во Велика Британија.

Публиката пак, во живо имаше можност да ги слушне  приказните на домашните учесници Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“, Александра Манолчева и Дина Дамјановиќ од „Ways2Help“, Стефан Алексиќ од „Challenger“, Петар Антевски од „Пресврт“ и медицинарот Денис Јанкуловски – Космонаутко. Во улогата на модератори на настанот влегоа Наталија Теодосиева и Дамјан Цветановски од импров групата “НАСТАП”.

Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy.

Клуб за демократско учество во СОУ „Нико Нестор“ и СОУ „Д-р Ибрахим Темо“

Членовите на Клубот за демократско учество од Струга, ученици од средните училишта СОУ „Нико Нестор“ и СОУ „Д-р Ибрахим Темо“ ја спроведоа иницијативата „Кулирај-рециклирај!“ за да ги промовираат еколошките навики кај учениците и поттикнат еколошката одржливост на училиштата. Средношколците од Струга обезбедија подобри услови за селекција на отпад и грижа за заштита на животната средина во своите училишта.

Младинската иницијатива доби поддршка од Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување ПАКОМАК, кое обезбеди по еден контејнер за селеција на отпад во СОУ „Нико Нестор“ и СОУ „Д-р Ибрахим Темо“. Поставени беа и инфо-табли со едукативна содржина, со цел да се придонесе за подигнување на свеста кај учениците и младите околу потребата за правилно справување со отпад. Како завршна активност, со цел да се придонесе кон долгорочно зајакнување на еколошките капацитети, учениците во клубот изготвија предлог-план за еколошка одржливост на училиштата, кој беше усвоен од двете училишта.

Иницијативата е дел од проектот „Зајакнување на демократските компетенции кај младите“ спроведуван со поддршка од Фондацијата за демократија на Вестминстер и Британската влада.

„Со уметност против говорот на омраза“ – артивистичка акција во Струга

Младите активисти од клубот Артивизам имаа успешна акција со која се покри говорот на омраза што беше испишан на две локации: на кејот на реката Дрим и зградата на поштата во Струга.

Зборовите и симболите на омраза не смеат да бидат дел од јавниот простор! Толеранцијата е клучна за одржување на мирот. Но, и за економскиот и социјалниот напредок на сите луѓе, а тоа особено се однесува на општествата како нашето кои се мултиетнички и мултикултурни.

Младите активисти од клубот Артивизам при Младински образовен форум имаат иницијатива за цртање графити и покривање на испишаните натписи кои содржат говор на омраза. Овие акции на Младински образовен форум и со поддршка од Хелсиншкиот комитет за човекови права беа спроведени во текот на овој месец, на неколку локации низ градовите каде што се мапирани натписите и графитите што содржат говор на омраза.

„Со уметност против говорот на омраза“ – артивистичка акција во Скопје

Младите активисти од клубот Артивизам при Младински образовен форум имаат иницијатива за цртање графити и покривање на испишаните натписи кои содржат говор на омраза.

Овие акции на Младински образовен форум и со поддршка од Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе бидат спроведени во текот на овој месец, на неколку локации низ градовите каде што се мапирани натписите и графитите што содржат говор на омраза.

Тие имаа успешна акција со која се покри говорот на омраза испишан на пешачката патека на кеј во стариот дел на градскиот парк. Зборовите и симболите на омраза не смеат да бидат дел од јавниот простор! Толеранцијата е клучна за одржување на мирот. Но, и за економскиот и социјалниот напредок на сите луѓе, а тоа особено се однесува на општествата како нашето кои се мултиетнички и мултикултурни.

Во текот на претходнот месец, клубовите при програмата Учиме право ги завршија и своите последни предавања за оваа учебна година. Во моментов членовите се припремаат за нивните симулации преку кои тие и практично ќе ги применат стекнатите вештини и одблизу ќе се запознаат со работата на институциите.

Советодавниот сервис е повторно во функција и прашања веќе пристигнуваат. Лесно и брзо можете да го најдете својот одговор на сервисот преку копчето „Постави прашање“ или пак во галеријата каде се објавени претходно поставуваните прашања. Покрај прашањата, можете да ги отворите и колумните кои се напишани од млади експерти од нашата држава на разни теми. Така, овој месец на темата „(Не)можност за младинско учество“ напиша неколку зборови новата претседателка на Националниот младински совет, Марија Крстевска.

Клубовите за Младински претприемачки вештини, овој месец го имаа своето последно отворено предавање на кое како предавач се најде американската професорка Ирена Воденскa, која покрај тоа што е професорка и ги држи предавањата по економија на Бостонскиот Универзитет, таа исто така е и шеф на катедрата за финансии.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: