На 25 мај, со почеток во 13:30 часот, млади средношколци заедно со г-дин Ален Бергант – словенечкиот амбасадор во Македонија, Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образование и Ислам Јусуфи од Делегацијата на ЕУ во Република Македонија час и половина дискутираа за положбата на младите во македонското општество, нивните културни навики и вредностите кои ги почитуваат и негуваат.
Младите говореа за волонтеризмот, толеранцијата и солидарноста како универзални, а не само европски вредности кои треба да бидат широко прифатени. Оптимистичките предвидувања дадени од средношколците се дека македонските млади го шират својот светоглед и перцепции и се подготвени како генерација да ги промовираат и практикуваат европските вредености.
Сепак, беше заклучено дека треба да се вложуваат поголеми напори за да се доближат европските вредности до младите, заклучок кој беше изведен од резултатите на истражувањето на МОФ – „Социјалниот капитал на македонскиот средношколец“ според кое 51% од средношколците во Македонија никогаш немаат волонтирано, а речиси 60% од младите немаат доверба во граѓанскиот сектор.
„Која е разликата меѓу македонските и словенечките студенти? Словенечките студенти можат да студираат на било кој факултет во Европската унија, бидејќи една од вредностите на ЕУ е мобилноста на студенти и наставен кадар.“ (…)
„Но покрај дискусија за граѓанскиот сектор, мултикултурализмот и толеранцијата, во Македонија треба да се говори и за прашањата кои не засегнуваат сите, како зачувувањето на животната средина и климатските промени и унапредување на нашите општества во секоја смисла.“ – изјави г. Бергант, амбасадор на Република Словенија во Македонија.
„Младиот европеец ги почитува својата култура и традиција, но со истиот интензитет ги почитува и цени и другите култури. Младите македонци треба да го прават истото, да ја ценат и сакаат својата култура, но и да ги почитуваат и ценат и културите околу нив.“ – изјави г. Стојковски, претседател на МЦЕО.
Јавната дебата заврши со свечено доделување на сертфикати на најуспешните членови на ЕУ клубот во рамките на Програмата за неформално образование во МОФ, кои успешно поминаа едногодишна обука.