Во рамки на програмата Учиме право 150 средношколци членови на четиринаесет Учиме право клубови во Скопје, Тетово, Кичево, Струга, Битола, Велес, Радовиш и Делчево, во месец март проследија предавање од јавни обвинители со цел поблиску да се запознаат со работата на јавните обвинители и нивната улога во кривичната постапка.
Март беше месец посветен на кривичното право и кривичната постапка, каде учениците беа запознаени со основите на кривичното право, што претставува кривично дело, кривична санкција, како и кривичната постапка и кои се субјектите во кривичната постапка. Јавните обвинители ги информираа учениците за улогата на јавниот обвинител, значењето на јавното обвинителство како единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични и други со закон утврдени казниви дела и други работи утврдени со закон, а имаа прилика да слушнат повеќе за улогата на јавниот обвинител во кривичната постапка согласно новиот Закон за кривична постапка од 18.11.2010 година. Повеќе информации за секое од одржаните предавања можете да прочитате во текстот подолу.
Скопје
На 23.03.2013 година на Универзитетот за туризам и менаџмент 56 ученици членови на Учиме право клубовите од СУГС “Георги Димитров”, СУГС “Никола Карев”, СУГС “Раде Јовчевски Корчагин”, СУГС “ Орце Николов”, СУГС “Зеф Љуш Марку”, СУГС “Цветан Димов” и учениците од Учиме право клубот во Ромаверзитас имаа можност да го проследат предавањето на Вишиот јавен обвинител и член на Советот на јавни обвинители Момир Маричиќ, кој за час и половина им го пренесе своето богато искуство и ги запозна учениците со улогата на јавниот обвинител во кривичната постапка. Тој одговори на големиот број прашања на учениците кои беа инспирирани од предавањето на јавниот обвинител, а дел од нив се гледаат себе си во улогата на јавниот обвинител како чувар на законитоста спроведувајќи го правото во општеството.
Велес
На 05.03.2013 година Јавниот обвинител Гордана Тодорова од Основното јавно обвинителство во Велес ги посети учениците членови на Учиме право клубот во Велес. Учениците активно беа вклучени во предавањето од страна на јавниот обвинител, поставувајќи прашања во однос на улогата на јавниот обвинител во кривичната постапка, како и во однос на техниките на директното, дополнителното и вкрстеното испрашување на сведоците на главната расправа.
Радовиш
На 06.03.2013 година 18 ученици од СОУ “Коста Сусинов” од Радовиш членови на Учиме право клубот во училиштето имаа прилика да проследат предавање од страна на Јавниот обвинител Тодор Витларов од Основното јавно обвинителство во Штип кој ги запозна учениците со значењето на јавното обвинителство, неговата функција, организација и надлежност.
Тетово
На 14.03.2013 година 13 членови на Учиме право клубот во Тетово од страна на јавниот обвинител Деса Пауновска од Тетово имаа можност да слушнат за новините на Законот за кривична постапка, за работата на јавниот обвинител а особено во доменот на организираниот криминал.
Кичево, Струга и Битола
На 16.03.2013 година членовите на Учиме право клубовите од Струга и Битола беа гости во Кичево каде заедно го проследија предавањето на јавниот обвинител Виолета Стојаноска. Повеќе од 40 ученици го проследија предавањето на јавниот обвинител, кој на интересен начин ги запозна учениците со функцијата на јавниот обвинител.
Делчево
Јавниот обвинител Миле Костадинов од Основното јавно обвинителство во Кочани на 16.03.2013 година ги посети членовите на Учиме право клубот во Делчево. Јавниот обвинител ги запозна учениците со улогата и значењето на јавниот обвинител во постапката и ги сподели своите искуства од праксата.