Матурантите мора да имаат навремени и целосни информации за подготовка на матурските испити!

Младински образовен форум (МОФ)  ја истакнува својата загриженост за процесот на спроведување на полагањето на државната матура во текот на учебната 2020/2021 година.

Поаѓајќи од организациските вредности и заложби и имајќи ги предвид позициите на директно засегнатите страни во процесот на полагање на матурскиот испит апелираме дека во вакви пандемски услови треба дополнително да се обрне внимание и да се вложат напори за  навремено проследување на потребните информации и поддршка за учениците во процесот на подготовка за матурскиот испит.

Како организација сметаме дека матурата е важен сегмент за заокружување на средното образование и како таков мора да се спроведе квалитетно и промислено. Ова значи дека треба внимателно да се одбере начинот на кој ќе се постапи и да се вложи труд за непречено да се спроведе овој испит во услови и околности предизвикани од вирусот КОВИД-19 и светската пандемија. Клучен приоритет треба да бидат здравјето, безбедноста и информираноста на сите вклучени во процесот на подготовка и полагање: учениците, наставниот и административниот кадар, техничкиот персонал, како и набљудувачите.

Сериозен фактор кој влијае врз вознемиреноста и предизвикува стрес кај матурантите е чувството дека недостасува поддршка од наставниот кадар во подготовката на матурските испити, но и располагање со сите потребни информации за полагањето на матурските испити. На учениците им недостасуваат информации за направената скратена програма во содржините потребни за изучување и подготовка на матурскиот испит. Моментално, во сите училишта не е започната подготовка на матурата и недостасува поддршка од страна на наставниот кадар. Оттука, МОФ апелира во рамки на сите училишта да се организираат часови за информирање и подготовка за матурските испити и да се назначат професори кои ќе бидат контакти за информирање во врска со матурата и кои би биле на располагање на учениците во однос на нивните нејаснотии, прашања, грижи и недостатоци во знаењето и подготовката на материјалот за матурските испити.

Надлежните институции се должни да овозможат еднаков пристап на сите ученици при спроведувањето на матурскиот испит и да не ги стави во неповолна позиција учениците кои би биле во евентуална изолација и не би можеле да го полагаат својот матурски испит поради КОВИД-19. Ограничувањето на матурските испити на два испитни рокови, како што беше практикувано до сега, има недостатоци поради тоа што оневозможува полагање на испитот за учениците кои се заболени, или пак во изолација поради контакт со заболен од КОВИД-19. Доколку се случи ова, тие ќе мора да го полагаат испитот во испитниот рок во август што значително ги намалува нивните шанси за конкурирање и упис на факултет. Од овие причини предлагаме надлежните институции да предвидат уште еден дополнителен термин за полагање на матурскиот испит, во текот на месец јули кој ќе биде првично наменет за  учениците кои биле спречени да полагаат во јуни.

Како организација препорачуваме итно информирање на учениците за овогодинешното полагање на матурските испити од содржински аспект и локација, но и термини и услови во кои ќе се полага матурскиот испит. Од клучно значење е поддршката која учениците ќе ја добијат од наставниот кадар и токму поради тоа апелираме итно интерно организирање на подготовка за матурските испити во училиштата.  Со цел овозможување на иста позиција на сите матуранти кои ќе го започнат своето високо образование оваа година, потребно е институциите да обезбедат испитен рок во јули, наместо само августовскиот „поправен“ рок.

Потсетуваме дека навремена комуникација со матурантите и обезбедување на нивна поддршка во целиот процес е клучна за успешно организирање и спроведување на матурскиот испит кој е особено значаен момент во образовниот процес на младите луѓе.

Младински образовен форум ќе продолжи и понатаму будно да го следи процесот на полагање на матурскиот испит како би се овозможило целосна информираност и соодветни услови на матурантите за подготовка на државната матура.

Сподели

Please enter an Access Token on the Instagram Feed plugin Settings page.