Медиа-Арт

Клубовите  Артивизам на МОФ се место каде младите луѓе можат да практикуваат слобода на изразување и да се запознаат со креативни начини за пренесување на своите ставови.

Членовите на клубовите, во текот на годишниот курикулум учат за граѓанско новинарство, медиумска писменост, креативно пишување, креирање младински весници и фанзини, репортажна фотографија и видео прилози. Клубовите им овозможуваат на членовите да стекнат знаења и да експериментираат со уметноста како средство за слободно изразување, но и за активизам и креативна слобода. Членовите добиваат можност своите знаења да ги користат за креирање на локални настани и акции на теми кои се од младински и општествен интерес.

Повикот за нови членови во клубовите Артивизам се отвора на почетокот на секоја учебна година. Предавањата се организираат еднаш неделно, а членовите на клубовите имаат можност да препорачуваат и бираат модули кои ќе бидат обработени на предавањата.

Целта на секој клуб е да го обучи членот независно и самоуверено да ги користи алатките кои се изучувале, но и да обезбеди безбедна, здрава и поддржувачка средина за младите да можат да ги изразат своите ставови, да се изградат себеси, да истражуваат и да грешат. Преку овој став, младите ги гледаат клубовите како место каде што се слободни, можат да пробуваат нови нешта без осуда дека се добри или лоши во нештата кои ги изведуваат. Тие се ослободуваат од стегите наметнати од околината и самостојно избираат за себе. Младите ги градат своите капацитети, дознаваат повеќе за себе и околината, стекнуваат вештини и знаења, креираат нов круг на пријатели и познаници, учат за почит и одговорност и се забавуваат.

Во моментов постојат неколку клубови во Северна Македонија, и тоа во Скопје, Тетово, Битола и Велес кои редовно создаваат дела, акции и кампањи кои со себе носат одредена порака која им е важна на членовите. Сите клубови се постојано отворени за нови членови, млади луѓе кои сакаат да се изразат себе си и гласно да го кажат својот став.

Сподели