Меѓународен младински дебатен турнир Macedonia Open

Традициите се општествен феномен кој е присутен кај секоја помала или поголема организирана група. Тие постојат за да преку нив се изгради идентитетот на групата и да го обележат субјективниот тек на времето. Овие настани се најважната точка на календарот за сите членови на групата. За МОФ една убава традиција претставува и организирањето на традиционалниот меѓународен дебатен турнир Macedonia Open, кој во 2009 се организираше по седми пат.

Што всушност е Macedonia Open?

Macedonia Open е еден од најважните настани на Дебатната програма на МОФ, според сегашниот координатор на оваа програма, Бранкица Георгиевска, која вели дека овој турнир ужива високо реноме помеѓу дебатните асоцијации во регионот и важи за еден од најдобро организираните турнири во Карл Попер форматот, пред се заради квалитетните дебати и забавно организираното слободно време. Тоа го покажува и константниот пораст на бројот на тимовите и учесниците низ годините. Петар Лазаров, еден од најискусните дебатери во МОФ, присетувајќи се на првите години наMacedonia Open вели дека уште од почеток идејата била да се  соберат најдобрите дебатери од регионот на едно место. Низ годините МОФ остана доследен на оваа идеја, наспроти можеби обезхрабрувачките почетоци, кога на првиот организиран Macedonia Open присуствувал само еден тим од странство. За споредба на Macedonia Open 2009 учество земаа тимови од 6 држави.

Финалната дебата под покровителство на Собранието на Македонија

Во текот на годините, турнирот под свое покровителство го зема Претседателот на Собранието на Македонијам што обезбеди оддржување на финалето во салата на Парламентот. Институцијата која ја олицетворува дебатата на највисоко општествено ниво ги отвори своите врати за да им ја отстапи парламентарната говорница на младите. Во свечената атмосфера на финалето доаѓа до промена на улогите-политичари, амбасадори, градоначалници, советници, новинари, парламентарци и други јавни личности кои секојдневно донесуваат одлуки од значење за нашето општество седат на клупите во публиката, додека пак младите имаат можност од главната говорница да го изнесат своето мислење и своите аргументи за справувањето со глобалните проблеми.

Квалитетот на дебатата зависи во голема мера од тезата

Секој искусен дебатер ќе ви каже дека квалитетот на дебатата зависи во голема мера од тезата, бидејќи без добра теза не може да има фер дебата. Петар Димитров, дебатер, вели дека изборот на тезата е демократски процес во кој се вклучени сите членови на Дебатната програма на МОФ. Притоа, клучно е тезата да е актуелна и интересна за дебатерите и судиите. За Macedonia Open 2009 беше избрана следната теза – “Правната заштита на авторските права треба да се укине“. Таа е глобално актуелна во контекст на брзиот продор на информатичката технологија во секојдневниот живот и промените кои ги носи на сите полиња, со фокус на слободата на дистрибуција на уметнички и научни дела за да допре до што е можно поширок круг на луѓе пораката која ја носат истите. Минатите тези вклучувале и други актуелни светски проблеми, како финансиската криза, европските перспективи на младината и сл, во корелација со потребата за глобална акција на светско ниво.

Какво е чувството да се биде дебатер на Macedonia Open?

Macedonia Open е единствен меѓународен дебатен турнир во Македонија кој нуди можност за младите во натпреварувачки дух да отворат дебата за важни општествени прашања. Воедно покрај меѓусебната дружба, младите развиваат отвореност и толеранција кон туѓите ставови. Сања Стефановиќ, искусен дебатер, вели дека возбудата е поголема кога се учествува на меѓународен турнир бидејќи конкуренцијата е поголема, но истовремено тие се шанса за развивање на дебатните вештини и создавање на трајни пријателства. Петар Димитров, кој прв пат учествувал во 2007 година вели дека да се биде дебатер на овој турнир е истовремено возбудливо и застрашувачки, бидејќи противниците се непознати, често пати и поискусни. Но, уште од првата вечер дебатерите се зближуваат и стануваат пријатели.

Бранкица нагласува дека голем дел од дебатерите од МОФ растеле со Macedonia Open, искусувајќи го турнирот во различна улога-како учесници, судии, дел од тимот кој го организира, а некои од нив, кои денес се видни личности во македонското општество, пратеници, и политичари се навраќаат со задоволство на спомените како почесни говорници на финалето.

Организациски предизвици

Macedonia Open е турнир кој повеќе од 7 години успешно се организира од младите за младите. Најголемите успеси на турнирот, константниот пораст на тимовите, одличната репутација која ја ужива во континуитет е резултат на визијата која секоја генерација на дебатери од МОФ ја вградуваат во неговата организација. Сања и Петар, координаторите на тимовите за организација на турнирот во 2009, велат дека клучно за успешната организација е тимската работа и мотивираноста на тимовите за организација несебично да вложат време и енергија за успешно организиран настан.

Тешко да се сумира значењето на една седумгодишна традиција во еден краток заклучок. Веројатно она што е најважно е да се продолжи традицијата во духот на оригиналната идеја затоа што само на тој начин се создаваат трајни вредности.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: