Запознајте ги младите истражувачи од Програмата за истражување и застапување на МОФ

Изминатите неколку месеци, 20 млади истражувачи од целата држава беа вклучени во Програмата за истражување и застапување на МОФ, во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.

Под менторство на 7 ментори спроведоа 4 истражувања на теми од младински интерес, подготвија 6 прашалници што ги одговорија над 500 млади и поднесоа над 100 барања за информации од јавен карактер.

Добиените информации преку обработка и анализа станаа наоди, а наодите прераснаа во препораки кои наскоро ќе може да ги прочитате во истражувањата на тема: „Користењето на вештачката интелигенциjа во образовниот процес на студентите во високото образование“, „Финансирањето и буџетирање на младите на национално и локално ниво во Република Северна Македонија“, „Последиците од аерозагадување кај малолетни лица од високо загадени подрачја“ и „Информираноста и подготвеноста на студентите да пријават корупција“.

Ви претставуваме дел од младите истражувачи, автори на истражувањето „Финансирање и буџетирање на младите на национално и локално ниво“.

 

 

1. Што научи од Програмата за истражување досега, како ти помогна за развивање на твоите вештини?

Со оглед на посветеноста, времето и потребите согласно мојата тема на истражување, за себе научив дека сум многу трпелив и критичен во анализирањето на добиените одговори од страна на надлежните органи во државата.

2. Од кое истражување беше дел, како дојдовте до темата и зошто е вашето истражување важно/зошто е темата релавантна?

До самата тема односно проблематика дојдовме согласно претходните податоци од страна на Националниот Младински Совет на Македонија за имплементацијата на Законот за млади и младинско учество. Во оваа прилика, ги повикувам младите детално да ја погледнат нашата анализа на тема: „Финансирањето и буџетирање на младите на национално и локално ниво во Република Северна Македонија“ и согласно резултатите, сами да увидат колку нивните градоначалници и Општини, низ Република Северна Македонија, навистина придонеле кон подобрување на севкупниот статус на младите во локалната заедница. Воедно, пред нас се наближуваат и локалните избори, па се надевам дека ќе ги мотивираме и поттикнеме младите во формирањето на своите политички ставови, со цел искористување на правото на глас и нивно влијание во локалната самоуправа.

3. Сподели ни најинтересен/шокантен наод од истражувањето.

Забележав дека Општините од источниот и западниот дел на државата имаат исти, па и слични веб страни, со еднакви проблеми и недостапни информации коишто треба законски да им се достапни на граѓаните.

4. Кој дел од процесот на спроведување на истражување ти беше најинтересен, а кој нај-challenging? Зошто? 

Најинтересен ми беше делот на анализирање на одговорите, тука гледаме што е тоа што Општините и го направиле токму за нас младите, иако не можеме да се пофалиме со позитивни одговори, сепак би ги издвоил помалите општини како Босилово и Валандово. Иако тие се доста мали Општини во однос на население, со намален процент на младата популација.

5. За кој е наменето вашето истражување? Кој треба да го прочита и да промени нешто?

Во оваа прилика, ги повикувам младите да детално да ја погледнат нашата анализа на тема: „Финансирањето и буџетирање на младите на национално и локално ниво во Република Северна Македонија“ и согласно резултатите, сами да увидат колку нивните градоначалници и Општини, низ Република Северна Македонија, навистина придонеле кон подобрување на севкупниот статус на младите во локалната заедница. Воедно, пред нас се наближуваат и локалните избори, па се надевам дека ќе ги мотивираме и поттикнеме младите во формирањето на своите политички ставови, со цел искористување на правото на глас и нивно влијание во локалната самоуправа.

Но, дополнително ова е добар фидбек и брифинг за Општините и нивните челници добро да размислат како ги извршуваат своите законски обврски, а притоа се донесени во склоп на Законот за млади и младинско учество.

6. Зошто е важно да се истражува и зошто е важно младите да се вклучат во истражување? 

Истражувањето ни овозможува да воочиме и да пронајдеме одговор за сложените проблеми, дилеми, прашања и предизвици со кои се соочува општеството. Истражувањето помага да се прошири нашето знаење за светот околу нас. Открива нови информации, податоци, теории и сознанија кои придонесуваат за подобрување на условите за живот, којшто придонесува врз креирањето на политиките на различни видови области. Со учество во истражување или да се биде дел од истражувачкиот тим, младите имаат можност да дадат значаен придонес во својата заедница. Без разлика дали преку научни откритија, општествени иновации или креативни идеи, иницијативи, нивните истражувачки напори можат да имаат позитивно влијание врз луѓето околу нив, па и на самите себе.

7. Доколку можеш да одбереш било која тема, какво истражување би сакал/а да спроведеш? Зошто баш таа тема?

Искрено, доколку некогаш би имал можност да направам истражување во меѓународните односи, тоа би било „Воспоставување на Европско државјанство на нивно на Европа како континент-држава“, по пример на Соединетите Американски Држави, американско државјанство на територија на цел континент. Одсекогаш сум се прашувал зашто постои таква разлика на Европскиот континент, иако генерално гледано ние скоро сите заедно градиме европска култура, вредности, принципи и политики.

 

 

1. Што научи од Програмата за истражување досега, како ти помогна за развивање на твоите вештини?

Со оваа Програма се потврди значењето на истражувањето, особено кога се работи за теми поврзани со младите на кои самите тие можат да дадат свој придонес.

2. Од кое истражување беше дел, како дојдовте до темата и зошто е вашето истражување важно/зошто е темата релавантна?

Учествував во истражувањето околу колку средства предвидуваат локалните самоуправи за младите на годишно ниво. Темата ја одбравме бидејќи е значајна за младите и сакаме да се продлабочи соработката на локалните самоуправи со младите.

3. Сподели ни најинтересен/шокантен наод од истражувањето. 

По споделување на прашалник за информираноста на младите околу средствата кои ги предвидуваат локалните самоуправи кој го споделивме и преку ОДАС (www.odas.mk) воочивме дека многу мал дел од младите се запознаени со висината на средствата предвидени за нив.

4. Кој дел од процесот на спроведување на истражување ти беше најинтересен, а кој нај-challenging? Зошто? 

Одбирањето на темата беше предизвик, бидејќи во моментов има многу актуелни и важни теми за младите на кои треба да се стави акцент и да се спроведат истражувања.

5. За кој е наменето вашето истражување?

Ова истражување е наменето за сите кои сакаат да се информираат за средствата кои ги предвидуваат локалните самоуправи за младите, односно самите млади, пред се, носителите на одлуки и организациите кои се занимаваат со овие теми.

6. Кој треба да го прочита и да промени нешто?

Најпрво треба да го прочитаат младите за да се информираат за можностите во локалните самоуправи, но треба да им послужи и на самите локални самоуправи и носители на одлуки во продлабочување на соработката со младите.

 

 

1.Што научи од Програмата за истражување досега, како ти помогна за развивање на твоите вештини?

Уште повеќе се осигурав дека го сакам истражувањето и дека е одличен начин да се придонесе кон позитивни промени во општеството. Комуникацијата помеѓу членовите на нашиот тим, со менторите но и сите оние кои беа релевантни да ни дадат податоци за нашето истражување, директно ми помогна во развивањето на многу мои вештини.

2. Од кое истражување беше дел, како дојдовте до темата и зошто е вашето истражување важно/зошто е темата релавантна?Најпрво, од понудените неколку теми за истражување, сите имавме по една или две омилени и најинтересни. По кратка дискусија, планирање и анализа, дојдовме до консензус темата да биде Финансирањето и буџетирањето на младите на национално и локално ниво во Македонија и согласно резултатите, да дојдеме до заклучок до кој степен се имплементираат зацртаните цели за зголемено учество на младите во општеството и носењето на политики.

3.Сподели ни најинтересен/шокантен наод од истражувањето. 

Суштински дел од нашето истражување опфаќаше делот за контактирање на сите општини во Македонија, што вклучува испраќање на официјални барања за искористување на законското право за пристап до информации од јавен карактер. Најинтересно за мене беше да се следи како пристигнуваат информации и одговори, прилично различни, но и фактот што од голем дел на општините не добивме одговор, како и целата анализа и споредба на одговори, за да се дојде до бараните одговори.

4. Кој дел од процесот на спроведување на истражување ти беше најинтересен, а кој нај-challenging? Зошто? 

Повторно би го издвоил прибирањето на податоци од општините, што беше предизвикувачко само по себе, бидејќи одговорите не секогаш се конкретни за тоа што го бараме и потребна е дополнителна анализа за сите добиени одговори да имаат слични и споредливи податоци.

5. За кој е наменето вашето истражување? Кој треба да го прочита и да промени нешто?

Примарна цел би биле младите, за да се информираат и да имаат јасна слика за финансирањето на младите, како и формирањето на локалните совети, а преку зголемување на свеста и прикажувањето на различни примери за споредба се поттикнува желбата за критичко размислување и свесност за своите права и можности како нештата може да бидат подобрени, но понатаму и граѓанскиот сектор кој би можел да го користи истражувањето за идни истражувања и лобирања, и секако за сите од локалната и централната власт од очигледни причини.

6.Зошто е важно да се истражува и зошто е важно младите да се вклучат во истражување? 

Истражувањето е одлична можност да се развиваат повеќе вештини, да се анализира и да се придонесе во општеството преку самото зголемување на свеста за одредена тема, преку лобирање за одредена реформа или кауза поттикнато со бројки и податоци, или едноставно за класична општествена анализа од статистичка природа што според мене некогаш знае да биде многу интересно и дури забавно да се истражува. Би сакал да ја искористам оваа прилика да ги мотивирам сите млади да бидат активни во општеството и да пишуваат, истражуваат и да се вклучуваат во активности каде би придонеле за тоа нивниот глас да биде слушнат.

7. Доколку можеш да одбереш било која тема, какво истражување би сакал/а да спроведеш? Зошто баш таа тема?

Кога станува збор за истражувањето, морам да признаам дека многу теми ми се интересни и некогаш ми е дури и тешко да се одлучам за што да истражувам или анализирам. Сепак, претпоставувам дека поради мојата академска позадина и интереси во последниот период имам интерес за истражување на теми кои ги вклучуваат младите на регионално или европско ниво, како и да правам компаративна анализа на истите. Тоа е така бидејќи сметам дека многу често имаме поголеми сличности или разлики со младите од другите земји од тоа што го замислуваме и некогаш навистина можеме да учиме едни од други преку различни примери, и секогаш тоа може да придонесе да се анализираат најразлични параметри и влијанија. Како пример можам да го споменам истражувањето за мојата дипломска работа кое беше на тема за Европскиот идентитет, а во иднина би сакал подетално да истражувам на слични теми.

 

 

1. Што научи од Програмата за истражување досега, како ти помогна за развивање на твоите вештини?

Од Програмата за истражување научив како да спроведувам длабински анализи и критичко размислување, што ми помогна да развијам посилни истражувачки и аналитички вештини. Ова ми овозможи подобро да организирам и презентирам податоци, како и да формулирам аргументи и решенија базирани на емпириски докази.

2. Од кое истражување беше дел, како дојдовте до темата и зошто е вашето истражување важно/зошто е темата релавантна?

Бев дел од истражувањето “Финансирањето и буџетирање на младите на национално и локално ниво во Република Северна Македонија”. До темата дојдовме преку анализа на недостатокот на финансиска поддршка и соодветни буџети за младински активности и програми, чие финансирање е предвидено согласно ЗМУМП. Нашето истражување е важно бидејќи помага да се отвори разгледување на потребата од подобро финансирање и поддршка за младите, што е критично за нивниот развој и интеграција во општеството.

3. Сподели ни најинтересен/шокантен наод од истражувањето. 

Најинтересниот и шокантен наод од истражувањето беше дека многу од општините во Република Северна Македонија не се запознаени со Законот за младинско учество и младински политики (ЗМУМП), кој предвидува одвојување на 0,1% од буџетот на општините за функционирање на Локалните младински совети и младински активности. Ова укажува на значителен недостаток на информираност и имплементација на законските обврски во однос на младинската поддршка.

4. Кој дел од процесот на спроведување на истражување ти беше најинтересен, а кој нај-challenging? Зошто? 

Најинтересен дел од процесот на спроведување на истражувањето ми беше дефинирањето на темата, затоа што во областа на младинско учество во нашата држава има безброј теми кои треба да се истражуваат, обработуваат и претстават. Нај-challenging ми беше прибирањето на информации од јавен карактер, бидејќи морав да барам по неколку контакти од општините каде ќе го доставам барањето по е-пошта, бидејќи е-пошта листите достапни на интернет често пати не се точни или не се во функција.

5. За кој е наменето вашето истражување? Кој треба да го прочита и да промени нешто?

Нашето истражување е наменето за државните органи, најмногу за Министерството за локална самоуправа, кое треба да им помогне на општините во толкување и спроведување на Законот за младинско учество и младински политики (ЗМУМП). Оваа поддршка е клучна за обезбедување соодветно финансирање и имплементација на младинските програми и активности на локално ниво.

6. Зошто е важно да се истражува и зошто е важно младите да се вклучат во истражување? 

Важно е да се истражува бидејќи истражувањето открива проблеми, потреби и можности кои можат да се адресираат за подобрување на политиките и практиките. Вклучувањето на младите во истражувањето е особено важно бидејќи им овозможува да го искажат својот глас, ги развива нивните вештини за критичко размислување и ги поттикнува да бидат активни граѓани кои придонесуваат кон општествените промени.

7. Доколку можеш да одбереш било која тема, какво истражување би сакал/а да спроведеш? Зошто баш таа тема?

Доколку можам да одберам било која тема, би сакал/а да спроведам истражување за влијанието на младинското претприемништво врз економскиот развој на локалните заедници. Оваа тема е важна затоа што младинското претприемништво може да создаде нови работни места, да поттикне иновации и да го зајакне економскиот раст, особено во заедниците кои се соочуваат со висока стапка на невработеност меѓу младите.

Истражувањата се спроведоа во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности имплементирана од организацијата IESC во партнерство со Младински образовен форум – МОФ / Youth Educational Forum -YEF и CEED Hub Skopje.

Мислењата изразени на оваа веб страница им припаѓаат на авторите/МОФ и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави
(САД).

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: