Во организација на дебатните клубови на Младински образовен форум од Тетово и Велес, на 13-ти април во Тетово се одржа првиот локален дебатен турнир во склоп на Проектот за младинско изразување. Преку 3 прелиминарни рунди, 18 средношколци групирани во 6 тимови дебатираа на тезата: „Овој Дом Би го забранил анонимното објавување и коментирање на интернет“.
Форматот на турнирот беше World Schools Debate Format (Формат на светски училишта), кој во ограничена временска рамка за секој говорник, афирмативниот и негацискиот тим ја афирмира, односно негира тезата. Дебатерите ги спротивставија своите аргументи, обидувајќи се да докажат дали и до кој степен анонимноста на интернет ја гарантира слободата на изразување и колку забраната на истата влијае на борбата против говорот на омраза.
Финалето на локалниот турнир се одржа во просториите на Центарот за балканска соработка – Лоја во Тетово, каде двата најдобри тимови од прелиминарните рунди се натпреваруваа за првото место.
Младински образовен форум, преку своите дебатни клубови во 7 градови во државата, им овозможува на средношколците преку едногодишен курикулум да се запознаат со концептот на компетитивна средношколска дебата, притоа создавајќи простор за развој на критичко размислување, јавно говорење и аргументација во јавниот дискурс.
Активноста е финансирана од Европската Унија.