Членовите на клубовите Артивизам на МОФ изработија кампања за електронски и електричен
отпад и креираа мапа на места со локации каде може да се однесе е-отпадот и надлежните да го
дислоцираат соодветно. Во рамките на оваа акција беше вклучено мапирање, креирање
прашалник за електронски отпад и селекција. Целта на кампањата е да се намали загадувањето на
животната средина преку запознавање на граѓаните со соодветните пунктови за дислоцирање на
е-отпадот од домаќинствата.
Електричните и електронските апарати во својот состав содржат олово и други токсични елементи,
кои имаат штетно влијание врз здравјето на човекот, но предизвикуваат и загадување на почвата,
и водата. Со рециклирањето се намалува негативното влијание врз животната средина и
еколошките ризици, здравјето на луѓето, природните живеалишта, флората и фауната.
Прашалникот, кој го одговорија 144 луѓе, беше дел од кампањата на Младински образовен форум
и служеше за добивање информации, податоци и статистики поврзани со начинот на
отстранување на електронскиот и електричен отпад во државата.
Со цел да се намали ризикот од загадување на животната средина и да се елиминираат
негативните ефекти врз нашето здравје, електронските и електричните уреди треба соодветно да
се рециклираат односно да не се фрлаат со комуналниот отпад, туку да се предадат на фирма
овластена за рециклирање на е-отпад.
Оваа младинска акција е дел од проектот за Ангажирање на младите за студентски и младински политики, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.