Младинска акција: Дворот на струмичкото СУ „Јане Сандански“ со нов лик
На 31 мај, 2019 година, повеќе од 100 млади од Струмица организираа волонтерска акција за уредување на дворот на средното училиште „Јане Сандански“, со поддршка од Општина Струмица и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Во акцијата учествуваа ученици од средните училишта „Јане Сандански“ и „Никола Карев“, а присуствуваa и градоначалникот на Општина Струмица, Коста Јаневски, вршителката на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија, Микаела Швајзер-Блум и главниот наредник Марк Вајнандт од Defense Attaché Office при Амбасадата на САД во РСМ, како претставник на Европската команда на САД.
Младите го исчистија отпадот во дворот, ги уредија зелените површини и поставија жардинерии, ги заменија оштетените даски на клупите со нови и ги бојадисаа бетонските конструкции во дворот.
Младинската акција е финален продукт од долготрајниот процес поддржан од Општина Струмица и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум. На почетокот на месецот, учениците имаа заедничка средба на која се запознаа и ги идентификуваа проблемите во градот со коишто се соочуваат како млади личности. Како предизвик за којшто изразија желба и самите да помогнат да се надмине, младите го издвоија дворот на училиштето „Јане Сандански“ којшто до неодамна беше во лоша состојба.
Преку создавање можности за учениците да се дружат и да соработуваат на разни граѓански иницијативи, Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието негува позитивни интеракции помеѓу етнички разновидната младина на ниво на училиште и заедница.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.
Веста е преземена од официјалната веб страна на Македонски центар за граѓанско образование