Програмата Младински активизам започнува со работа во 2011 година кога се јавува потреба да се отвори програма која ќе се насочи кон неформално образование врзано за младинскиот активизам, која ќе обезбеди простор за креативно и слободно изразување и ангажирање на младите за тие самите да преземаат активности кои ќе ја променат моменталната состојба во која тие делуваат.
Програмата има за цел да го намали јазот во комуникацијата помеѓу младите и институциите и да го подобри младинското организирање преку интеграција на младите без разлика на демографската припадност и социјалниот статус како и културната, етничката и сексуалната определба. Приоритет на нејзиното дејствување е спознавање, почитување и промовирање на толеранција меѓу младите да го зголеми нивното учество и влијание во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.
Членовите на програмата имаат можност да членуваат во клубовите Артивизам во Скопје, Тетово, Битола и Велес и да спроведуваат и учествуваат во активности како организирање на настани, акции, работилници, изложби и перформанси. Програмата брои околу 100 членови кои активно користат различни работни вештини, мултимедијални и уметнички техники како алатка за младински активизам.
Во изминатите години програмата Младински активизам ги организираше годишните настани: Конференција за социјалне активизам – ENGAGE, Патувачка изложба „Ана Франк – Историја за денес“, филмскиот фестивал Movies that Matter, но вбројува и други локални и национални младински настани и иницијативи.
Како најзначајни успеси на оваа програма се основањето и поддршката на првото младинско интернет радио – Радио МОФ и создавањето и поддршката на неформалната група за перформанс Kunstwerkstatt. Оваа аматерска театарска група два пати ја освои наградата Гран при на Драмскиот аматерски фестивал ДАФ – Кочани и тоа во 2017 и 2019 година.