Дебата, помагање на заедницата и ученичките права се трите теми за коишто околу 60 средношколци имаа можност да слушаат предавања за време на младински камп организиран од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. На кампот кој се одржа од 20 до 22 октомври 2018 година во Охрид учествуваа ученици од шест средни училишта низ Македонија – „Јане Сандански“ од Струмица, „Преродба-Рилиндја“ од с. Житоше, „Зеф Љуш Марку“ од Скопје, „Перо Наков“ од Куманово, „Нико Нестор“ од Струга и „Кузман Шапкарев“ од Битола.
Тридневниот камп започна со теоретско предавање за правата на детето, преку кое младите научија зошто се важни нивните права и како може истите да ги остварат во рамки на училиштата. Од друга страна, учесниците на кампот научија и зошто се важни нивните одговорности и како може да придонесат за подобрување на своите заедници. Предавањето за дебата и средношколски заедници пак, им овозможи да ги зајакнат вештините за критичко размислување и заедно да изнаоѓаат решенија за предизвиците со кои се соочуваат младите.
„Овие три дена поминаа многу брзо затоа што секоја активност беше интересна, почнувајќи од темите се до работилниците. Тоа што ми остави добар впечаток е инклузивноста на сите во активностите, прифаќајќи ги такви какви што се, без разликување, оставајќи простор да се изразиме себеси и нашите вештини.”, изјави Фатон, ученик од средното училиште Рилиндја.
За време на кампот, учениците учествуваа и во низа креативни и интерактивни работилници. Младите заедно разубавуваа маици со креативни пораки за мир и еднаквост и дебатираа на теми кои самите ги одбраа – спорт, еднаквост, феминизам, реформирање на образовниот систем, меѓуврсничко насилство, ментално здравје, средношколски права, интеграција и јазик и бездомни животни.
„На овој камп, освен активностите и презентациите, имавме прилика да се запознаеме и да се дружиме со нови луѓе од други градови и националности.”, изјави Џина, ученик од средното училиште „Зеф Љуш Марку“.
И наставниците следеа интерактивни предавања преку кои се стекнаа со знаење и вештини за поддржување на идеите на учениците, менторирање на средношколските заедници и организирање на дебати во рамки на часовите. Тие учествуваа и на тркалезна маса на тема: „Образованието како фактор за креирање на информирани и активни млади” на којашто заедно со претставници од Бирото за развој на образование дискутираа како може да се подобри образованиот систем за да создава генерации на активни ученици кои имаат интерес да ги подобруваат своите заедници.
Кампот заврши со панел дискусија на тема: „Младинско учество и организирање на млади“ на којашто воведни обраќања имаа Блажен Малевски, претседател на Националниот младински совет на Македонија, Вероника Станоевска, претседател на средношколската заедница на СМУГС „Панче Караѓозов“ и Флорим Реџепи, претставник на Центарот за интеркултурен дијалог од Куманово. За време на панел дискусијата учениците имаа прилика да дискутираат со панелистите и да се информираат за можностите за младинско учество во Македонија.
Младинските кампови кои ги организира Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум, имаат цел да им овозможат меѓусебен контакт и позитивна интеракција на учениците кои учат на различни јазици, со што се создава простор за градење на нови пријателства меѓу младите од различни етнички заедници.
Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
*Веста е преземена од веб страната на Македонски центар за граѓанско образование