Младински образовен форум го прославува Денот на млади, 12 август. Денот на младите ќе го одбележиме со акција за уредување на јавен простор, презентација на истражување, презентирање на клубовите на МОФ, нова епизода од емисијата „На час“, а вечерва во дворот на МОФ, во рамки на културното лето, ќе ја предвидиме младинската иднина на тарот карти.
МОФ со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер организира прес-конференција за промоција на истражувањето „Социо-политичко учество на младите во Северна Македонија: Нееднаквост, неизвесност и различни очекувања“.
Прес-конференцијата ќе се случи денес во Млади Хаб со почеток од 11:00 часот, а ќе трае околу 1 час. Стримот од претставувањето на истражувањето ќе може да го проследите на нашата Фејсбук страна.
На прес-конференцијата ќе бидат презентирани наодите од истражувањето за социо-политичко учество на младите и влијанието на КОВИД-19 кризата врз младите во Северна Македонија, кое МОФ го спроведе по втор пат. По презентацијата на наодите и заклучоците ќе бидат споделени и препораки за унапредување на позицијата на младите во нашата земја.
Организираме и младинска акција во Општина Долнени. Учениците, родителите и наставниот кадар од три општински училишта – ОУ „Пере Тошев“, ОУ „Али Фетхи Окјар“ и СОУ „Рилиндја“ во соработка со вработени од општина Долнени и Јавното комунално претпријатие во општината ќе спроведат акција за разубавување на дворот на средното општинско училиште „Рилиндја“. Оваа мобилизираност во заедницата ќе овозможи уредување на училишниот дворот со нова урбана опрема, заштитна ограда на дворот, но и збогатување на училишното зеленило со нови зимзелени садници.
Оваа активност се спроведува во соработка со Македонскиот центар за граѓанско образование, со поддршка од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.
Оваа година, во глобалниот фокус на Денот на млади е темата „Трансформирање на системите за храна: Младинска иновација за човечко и планетарно здравје“.
За оваа тема во новата епизода „На час“ зборуваме и дискутираме со професорката Душица Санта од ФЗНХ, Ирина Јаневска од АРНО и Ана Тодоровска од „Добра земја“. Следете не во 13 часот, на ФБ страницата на Радио МОФ!
Видео дискусијата е направена во рамки на проектот „Квалитетни образовни политики и можности за младите“, финансиран од Фондацијата Отворено општество Македонија.
Со почеток од 18 часот, на платото пред Музејот на современа уметност во Скопје, Младинскиот образовен форум ќе учествува на штанд на граѓански организации со цел да промоција на своите клубови и активности. Доколку сакате да се запознаете со работата на МОФ или пак сте заинтересирани за дебата, учиме право, активизам и новинарство, но и истражување и претприемништво, се гледаме во МСУ.
Потоа продолжуваме на дружба и забава во нашето дворче. Во склоп на културното лето во МОФ „Cult+Alt+Repeat“ –гледање на Тарот со Нате ќе пробаме да ѕирнеме во иднината со Нате, која во 18:30 часот ќе го прогласи шпилот за отворен!
Преку Cult+Alt+Repeat, МОФ и Радио МОФ се стремат да го подигнат нивото на информираност на младите, да обезбедат простор за младинска и културно дружба и активизам.
Се гледаме во МОФ, среќен Ден на Млади!