На младинскиот сектор во Република Македонија му е потребна поголема организираност за да се воспостави систем со кој што ќе се овозможи интензивно и континуирано да учествува во процесот на донесување одлуки. Ова беше една од главните пораки која што беше пренесена на јавната дискусија „Основање на Национален младински совет” одржана на 26 февруари 2013. Основањето на Национален младински совет (НМС) ќе го овозможи токму тоа.
Улогата на НМС ќе биде да ги претставува интересите на младите луѓе во нашата земја и притоа да обезбеди дека тие се вклучени во процесот на донесување одлуки на сите нивоа. Всушност НМС има за цел да го надмине јазот кој што постоеше во изминатите години во нашата земја и младите да станат сериозен чинител кога се креираат политики на сите нивоа. Вклучувањето на младите ќе овозможи тие да имаат активна улога и да одлучуваат за прашањата кои што на нив им се важни, појасни Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум.
Младинската организација „Младите можат” е вклучена во овој процес уште од самиот почеток. Нејзиниот претседател Иван Јованов истакна дека овој процес започна минатата година на Деновите на младинско здружување, а ќе продолжи со низа од 9 вакви јавни дискусии низ целата земја. Овие дискусии ќе имаат за цел да консултираат што поголем број заинтересирани млади, организации и институции за да се воспостави модел кој што ќе биде по мерка на младите.
Како што истакна Горан Ѓорѓиев, од Сојузот на извидници на Македонија, НМС ќе биде базиран на инклузивен модел што значи сите организации и форми на здружување на млади ќе можат да бидат дел од него. Тоа значи дека дел од НМС ќе бидат невладини организации, сојузи на средношколци и студенти, подмладоци на политички партии и коалиции. Ова ќе овозможи претставување на интересите на различни групи млади во процесите кои што ќе бидат од важност за подобрување на нивниот статус во нашата држава.