Младинско статус кво – 10 години стагнација: Истражување за младинскиот социјален капитал

Младински образовен форум спроведе истражување за состојбата со младинскиот социјален капитал во земјата, насловено „Младинско статус кво – 10 години стагнација“. Резултатите од истражувањето беа презентирани на online конференција која се одржа на 26-ти јануари, каде беа споделени наодите со претставници на државни институции и младински претставници.

Резултатите од истражувањето упатуваат на недостиг од овозможувачка околина за развивање на социјалниот капитал на младите. Повеќе од половина (54%) од средношколците никогаш не учествувале во решавање на проблем во нивната заедница. Половина од младите сметаат дека грижата кон заедницата не е нивна обврска – младите покажуваат релативно мал интерес за граѓански ангажман, а ¼ од средношколците не би учествувале во волонтерски активности. Младите имаат мала доверба во институциите и во своето дејствување примарно се упатени на примарните групи – семејството и пријателите. За жал, над 80% од младите никогаш за време на нивното образование немале обврска да ги следат тековните општествени настани. Младите не се учат да размислуваат критички и да преземаат одговорност за случувањата во нивната околина, а довербата во општествените институции има тенденција на опаѓање со стапувањето на младите во возрасно доба.

Целта на истражувањето е утврдување на социјалниот капитал (определен како мрежи на споделени норми, вредности и разбирање што поддржуваат соработка во и меѓу групите), ставовите кон и формите на граѓанско учество, како и ставовите и практикувањето на слободата на изразување меѓу младите во Република Северна Македонија. Во рамки на анкетното истражување учество земаа 1960 ученици од средните училишта во земјата и 1833 студенти од јавните високообразовни установи. На конференцијата беше презентирана и Младинската декларација – документ составен од млади чија цел е да се адресираат предизвиците со кои се соочуваат младите во областите образование, младинска невработеност, слобода на изразување, младинско учество, животна средина и препораки како истите да бидат надминати.

На конференцијата присуствуваа Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, неговата екселенција Дејвид Гир, Министерката за образование и наука Мила Царовска, директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски, Координатор на клубот на млади пратеници во Собранието на Република Северна Македонија Јован Јаулески, Младен Фрчковски, раководител на одделение за пазар на трудот, Претседателот на Националниот младински совет на Македонија Бојан Петровски кои се осврнаа на наодите од истражувањето и младинската декларација.

Пораките кои ги слушаме од истражувањето се слика и огледало на денешницата, овие проблеми може да се увидат и во други држави во Европа, но најважно е дека младите луѓе бараат подобро образование, зачувување на животната средина, потранспарентни институции како и да бидат вклучени во процесот на носење одлуки а со цел да се слушне нивниот глас – изјави Амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир. 

Во моментов се уште се наоѓаме во образовен систем кој нуди знаења за факти со недостаток на образование кое поттикнува критичко размислување. Затоа е значајно да поминеме од фактографско знаење во учење кое поттикнува критичко размислување и да создадеме граѓани кои ќе ги предизвикуваат постојните позиционирани факти за да постигнеме развој во општеството – вели во своето обраќање Министерката за образование и наука, Мила Царовска. 

Истражувањето е реализирано во рамки на Проектот за младинско изразување кој МОФ го спроведува во партнерство со Младински сојуз – Крушево и Центар за балканска соработка Лоја, а e финансиран од Европската Унија.

 

Истражувањето е достапно на следниот линк.

Сподели

Please enter an Access Token on the Instagram Feed plugin Settings page.