Младите да се исклучат од традиционалните медиуми или да ги бараат содржините кои ги заслужуваат?


Дебата за младите и медиумите во Македонија

Денес со почеток на пладне во Клуб на новинари во Скопје се одржа трибината „Млади и медиуми – Како до заеднички интереси?“ на која младинските организации, новинарите и медиумските експрети ги вкрстија ставовите за состојбата и иднината на младите во медиумскиот постор. Со аргументација базирана на резултати од презентираното истражување „Млади и медиуми“ спроведено во Македонија од Младински обраовен форум и Фондација Метаморфозис, свои мислења презентираа: Марјан Забрчанец, извршен директор на Младински образовен форум, Зорана Гаџовска, новинар од Радио Слободна Европа, Зоран Бојаровски, уредник во ТВ Алфа и Дарко Булдиовски, директор на NewMedia MK.

Резултатите за Македонија покажуваат дека додека ¾ од младите читаат електронски вести, дури 14% од младите никогаш не прочитале печатен медиум. Речиси половина од младите сметаат дека медиумите често пласираат лажни факти, додека 1/3 стуктурираат вести на пропагандистичен јазик. Општиот заклучок е дека младите малку веруваат на содржините кои се пласираат во медиумите, а од нив најмногу веруваат на радиото. Во однос на слободата на говор на интернет кој е најкористен медиум од страна на младите, 1/3 од нив секогаш се чувствуваат неудобно да објавуваат политички ставови.

Марјан Забрчанец од Младинскиот образовен форум го покрена прашањето за начинот на кој се известува за младите „Во медиумите младите многу ретко се портретирани на современ начин како интегрален дел од општеството, додека многу почесто се известува за нив како проблематична категорија. Дури постојат и случаи кога медумите доделуваат на младите етикети дека тие се виновни за стостојбите во општеството.“ Тој додаде дека младите сочинуваат ¼ од популацијата на земјата и се хетерогена група, од која не треба да се очекува сама да се грижи за сопствениот имиџ.

За известувањето за релевантни прашања за младите се надоврза Зорана Гаџовска, со искуство од медиумот од кој доаѓа – Радио Слободна Европа: „Младинската онлајн колумна на која млади активисти, блогери или организации искажуваат сопствени статвови на општествени прашања е еден од најчитаните и најсподелувани текстови на сајтот. Колумната се претвори во простор за оние кои имаат што да кажат и читаноста покажува дека младите ги интересира нешто повеќе од изгледот на Ким Кардашијан и Судбината на Фатмаѓул.“ Таа додаде дека високата стапка на невработеност и одливот на мозоци се младински теми кои добиваат внимание, но вклученоста на младите во донесувањето одлуки и нивните потреби се запоставени.

На препораката да се креираат редакции за млади во медиумите, уредникот Зоран Бојаровски од ТВ Алфа посочи дека тоа е тешко бидејќи речиси и да нема редакции. Тој исто така изјави и дека младите во себе ја носат суштината на слободата на изразување, но тие го чуствуваат и општествениот притисок кој е причина за стравот кој ги спречува да го користат ова свое право.

Дарко Булдиовски зборуваше за разликата во читаност на општествено важни содржини и „шунд-текстовите“ кои носат повеќе публика: „Кога важните вести ќе поминат добро и ќе донесат повеќе публика кај еден медиум, тогаш тој медиум можеби ќе почне да креира повеќе вести од таков тип“.

Прашањата за подобрување на позицијата на младите во медиумскиот простор треба да бидат предмет на дискусија и акција од страна на медиумите, новинарите, младинските и медиумските организации, институциите и младите.

Оваа трибина имаше за цел да поттикне дискусија помеѓу различните засегнати страни,  базирана на резултатите од регионалното истражување за млади и медуми, спроведено во 11 земји и оригинално презентирана на конференцијата „Млади и медиуми- еОпштество“ која се одржа на почетокот на февруари. Во рамки на истражувањето во Македонија се испитани 1734 млади, 65 медиуми, 37 младински организации, медиумиски организации и институции.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: