Младите ја „презедоа“ Владата

Деца и млади меѓу кои и членовите на Младински образовен форум ја „презедоа“ Владата на Северна Македонија, по повод Светскиот ден на децата (20ти ноември) и 30 годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на децата на ОН и учествуваа во работата на средбата на високо ниво „За децата, од децата“. Нашите членови како младински застапници упатија конструктивни критики и барања за состојбите на животната средина, вработувањето на младите, квалитетот на образование, вклучувањето на младите во креирањето на политиките за нив, насилството во училиштата, како и за инклузијата во училиштата. Настанот беше организиран организиран од: УНИЦЕФ, ЕУ, Младински образовен форум и Владата на РСМ.

Младиот Стефан Митиќ, осврнувајќи се на еколошките проблеми, ги праша владините претставници како дошле на настанот? Тој дошол со велосипед, кој вели дека го вози секој ден, без разлика дали е топло, студено или врне.

„Верувам дека оваа моја жртва ќе придонесе да живееме во почиста и поздрава околина. Но, реалноста е поинаква. Оваа моја мала постапка не се споредува со моменталното ниво на загадување и жртвата која треба да ја прават, а не ја прават – компаниите, индустријата и државата. Она што мене ми е важно дека не знам каков воздух дишам. Не знаеме колку навистина е загадено нашето општество“, рече тој во својот говор.

Митиќ потенцираше дека од 17 мерни станици само 11 се функционални. Реаираше дека се несоодветни податоците од станиците, но и критериумите за нивно поставување.

„Голем број институции, како студентскиот дом ‘Кузман’ и Гинеколошко-акушерската болница во општина Чаир, се уште се греат на мазут. Во оваа насока, може да се повикаме на успешниот пример Струмица, каде за загревање се користи компримиран гас. Да се имплементира во целата држава“, рече Митиќ, меѓу другото, потенцирајќи дека е важно да се насочи фокусот и кон влијанието на индустриските погони, за филтри и отпадот што го генерираат.

Митиќ се осврна и на погрешната распределба на ресурси во енергетскиот сектор, за малите хидроцентрали што уништуваат шуми и реки, чиј придонес е само 3,9 на вкупната енергија. Во име на младите, побара радикални мерки за радикални проблеми за животната средина.

Средношколката Бисера Шегмановиќ потенцираше дека владините претставници пред долго долго време ги напуштиле училишните клупи, па затоа е потребно младите да им воочат што се случува моментално со образованието.

„Најголемиот проблем што се соочуваме е квалитетот на образование. Како може да преминеме кон повисоки цели, кога се уште имаме училишта каде учениците немаат пристап до основни потреби – тоалети, опремени училници, греење, а воопшто да не зборувам за нова технологија“, потенцираше младата Шегмановиќ

Меѓу другото, потсети дека во државата постојат 19 училишта што се изградени пред 1930 година, а 5 од нив пред 1900-та. Во 28 училишта нема основни помагала, 17 училишта воопшто немаат библиотеки, а во оние кои постојат, вели таа, фондот на книги е сиромашен.

„Професори се сведуваат дека треба да предаваат на часот, а ние учениците сме пасивни слушатели. Немаме простор каде интерактивно би се вклучиле во часот. Не можеме да создаваме мислења и ставови на одредени теми. Потребни ни се инвестиции и во нови учебници, но и зголемување на практичната настава“, наведе Шегмановиќ во својот говор, потсетувајќи дека земјава лошо котира на и на меѓународното ПИСА тестирање.

„Ова тестирање само ја потврдува тезата дека сме функционално неписмени“, забележа.

Михаела Трајковска рече дека како млад човек во последниот период се соочува со дилема околу нејзиното образование и кариера. Дали кариерата да ја гради тука во земјава, блиску до семејството и пријатители, или да замине во друга држава што ќе и нуди подобри услови.

„Иако знаеме дека се вложува за да се подобри проблемот со невработеноста, сепак невработеноста кај младите е голема. 45,8% од младите од 15 до 24 се невработени“, нагласи таа.

На ова влијаат многу фактори, вели Трајковска, како пример несоодветното образование. Според неа, од самите млади има лоша перцепција кон стручното образование, што е погрешно, па побара во градовите да има кариерни центри со млади луѓе.

„Треба да има добра распределба на професиите и потребите на трудот“, нагласи таа.

Реагираше дека од државата нема доволни услови за младите, недостаток на работни позииции, а луѓе со високо образование работат на места кои не го бараат тоа. Односно, предиспозициите и образованието што го имаат не соодејствува со тоа што го бара пазарот на трудот.

Искра Зеќири во својот говор ја истакна потребата младите повеќе да се вклучат, критички да размислуваат, да не бидат само декор. Ги спомена и средношколските можности на организирање, како важен сегмент во младинското учество.

„Младите уште од млади нозе треба да знаат што значи демократија, што значи да имаш свој претставник, да имаш сила. Но, ова не треба да важи само за училиштата. Во секоја општина имаме Совет на млади лица, но и тој останува на волја на општината“, забележа младата Зеќири.

Според неа, мора да се донесе законско решение за да ги обврзе општините да не се фокусираат само на формата, туку и на суштината зошто се формирани овие тела.

„Нема потреба само да се креираат Совети, туку треба да се зголеми капацитетот. Да спречиме преку советите да се претставуваат само политички активни млади“, кажа Зеќири пред владините претставници.

Младиот Лука Павиќевиќ преку говорот алармираше за врсничкото насилство, за децата кои се исплашени да одат на училиште, во страв да не ги нападнат.

„Потребно е да се зголеми довербата, препознавањето на врсничкото насилство и подобрување на комуникацијата. За да се постигне оваа реалност, потребно е да се едуцираат психолозите, професорите, но и најважно од се’ – ние, децата. Да препознаеме форми на насилство, но и да стекнеме знаење како да се справиме со него. Потребно е да ни ги дадете алатките за самите да се справиме со проблемите во дигиталната сфера. Сега, во ова дигитално време, секој ден поминуваме повеќе од 6 часа на интернет. Секој може со два клика да креира лажен профил на социјална мрежа. Ова е одлично тло за развивање на онлајн насилство“, потенцираше Павиќевиќ.

Многу лесто и децата не се свесни дека се жртви на насилство, па побара соодветни програми за детектирање на насилството.

Околу инклузијата зборуваше Елиза Абдија. Младите да бидат еднакви во земјата, а за тоа се потребни нови политики – за еднакви можности.

„Крајно време е образовниот систем целосно да биде реформиран, за да даде поголем квалитет за секое дете. Да ни овозможите соодветни програми за нашите индивидуални интереси, за лично и активно партиципирање и интеграција. Законот за персонален асистент ги опфаќа само луѓето од 18 до 64 години. Што е со другите што не влегуваат во оваа категорија?“, праша Абдија.

Младата Абдија наброја недостатоци во однос на програмите и алатките во училиштата, аудио програми на мајчин јазик, но и лифтови за лицата со инвалидитет.

Владините претставници рекоа дека се спроведени или ќе се донесат дел од законите што ги споменаа младите. Според властите, ќе се организираат средби и дебати преку нивните организации за имплементирање на решенијата што ги предлагаат децата и младите.

Средбата „За децата, од децата“ беше по повод Светскиот ден на децата и 30 годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на децата на ОН. Освен премиерот Зоран Заев и министрите за правда, труд и социјала, животна средина и здравство и државните секретари за образование, надворешни и внатрешни работи.  Исто така, амбасадорот на ЕУ во земјата Самуел Жбогар, претставничката на УНИЦЕФ во земјата Патриција Диџовани, и пратеничката и Ивана Туфегџиќ.

Преземено од Радио МОФ

Сподели