Иницијативата “Во одбрана на младинското учество”, поддржана од 46 младински и граѓански организации најави реализација на 20 јавни дебати низ државата, со цел да се слушне гласот на младите за потребата од закон за млади и за решенијата кои треба да ги понуди ова законско решение.
Организациите кои се дел од оваа иницијатива решија да организираат дебати во текот на јануари и февруари 2012 година и преку реализација на отворени дискусии да спроведат широк консултативен процес на тема “Младинските проблеми, предизвици и приоритети во Република Македонија”. Целта на овие трибини е да се мотивираат на учество сите млади луѓе, индивидуалци или здружени во формални и неформални групи, како и сите претставници на релевантни институции со цел да се даде систематски и темелен придонес кон финална дефиниција на клучните проблеми на младите, но и на промените што се неопходни за да се поттикнат и унапредат младинското организирање, младинскиот активизам и младинските политики.
Овој процес ќе резултира со собирање информации од терен од што е можно повеќе индивидуи, организации, групи и институции, преку разни форми на комуникација, од трибини па се до интернет отворени форуми. Крајната цел на овој процес е да се произведе документ кој реално ќе ги отсликува проблемите, приоритетите и можните решенија за младинското организирање и младинските политики во Македонија. Ваквиот документ ќе биде јавен и претставен до сите релевантни институции, со што ќе се помогне полесно да се утврдат потребните решенија за младинските проблеми, како и потребата и содржината на евентуалните законски регулативи.
Во изминатите неколку месеци, како резултат на јавните реакции на 46-те организации, јавноста го оцени Предлог-законот за млади како недемократски, ограничувачки и неефективен, поради што Владата на Република Македонија го повлече од собраниска процедура и најави широка консултација со младинските организации.
Од необјасниви причини, деновиве Коалицијата СЕГА повика на враќање на стариот Предлог-закон во собраниска процедура, притоа нудејќи козметички и несуштински измени како маска за “подобрување” на предлогот. Ниту една од предложените измени не само што не ги вклучува предлозите на иницијативата која застана во одбрана на младинското учество, туку воопшто не ги отсликува вистинските потреби на младите во нашето општество од причина што во ниту еден момент овие трибини не покажаа никаква вклученост на претставници од младински организации, подмладоци на политички партии, релевантни институции, средношколци, студенти, како и од различни неформални младински групи.
Со почит,
Иницијатива за одбрана на младинското учество
Повеќе информации: http://mladizakon.org