Младите од Кратово со локален настан за подобро општество

На 30.05.2013 година, 20-тина средношколци од Кратово, учествуваа на настанот ,,Проактивни млади – подобро општество“ кој се одржа во мултимедијалниот центар – градското кино „Напредок“ во Кратово како дел од Проектот на УСАИД за граѓанско општество. Настанот започна во 19 часот и истиот привлече повеќе од 200 посетители.

Програмата на настанот беше составена од две кратки театарски претстави за вклученоста, односно исклученоста на младите во носењето на одлуки на локално ниво, јавна трибина на тема „Проблемите на младите во градот, нивната исклученост во носење одлуки на локално ниво и ниското ниво на комуникација со јавните институции“, како и настап на неколку млади музички таленти од Кратово.

Еднодневниот настан „Проактивни млади – подобро општество“ имаше за цел:

• Иницирање на потребата и можностите од вклучување на младите во носењето одлуки на локално ниво, кои директно се однесуваат на младите во Кратово
• Подобрување, односно интензивирање на комуникацијата меѓу младите и јавните институции во насока на остварување на правата на младите
• Покренување дебата за проблемите на младите во Кратово
• Обезбедување простор за слободно изразување на младите во Кратово

Дебата - КратовоЈавниот настан „Проактивни млади – подобро општество“ е иницијатива на група млади луѓе кои учествуваа во Школата за активно граѓанство (Обуки за младински активизам) како дел од Проектот на УСАИД за граѓанско општество и луѓе кои се натпреваруваа со своите врсници од 12 градови за можноста да се организира иницијатива за подобрување на нивната заедница, како и да се обезбедат можности за учество на младите. Организаторите на настанот упатија порака за активирање на младите, нивно вклучување во креирањето на локални политики, како и интензивирање на комуникацијата на младите со јавните институции.

Проектот на УСАИД за граѓанско општество го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со четири граѓански организации: Младински образовен форум, Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција.

Сподели