Јавна дебата: “Државната матура е соодветно мерило за успехот на средношколците“
Скопските средношколци со поделени ставови во однос на државната матура. Дали државната матура со сите свои делови, средношколците ја гледаат како мерило за нивниот четиригодишен успех или како дополнителен стрес и оптоварување. Овие се само дел од ставовите кои беа презентирани на денешната јавна дебата, организирана од Младински образовен форум (МОФ), која се оддржа во Кинотека на Македонија. Дебата на тема “Државната матура е соодветно мерило за успехот на средношколците“ е дел од проектот „Фестивал на јавни дебати“ поддржан од Општина Карпош.
На дебатата учество земаа четири дебатери од МОФ, а своето мислење го пренесе и Ана Поп Ризова, психолог при средното училиште „Орце Николов”.
„Матурата е наша реалност. Крајниот матурски испит претставува крајна фаза на реформирање на средното образование и претставува мерка за успехот на учениците и за оценување на професорите и образовниот процес во целост“ изјави Ана Поп Ризова.
Стресот е предизвик со кој на крај себе си како личности си ја покажувате својата зрелост. Колку повеќе работите на вас, со вашите професори и ментори толку подобри резултати ќе постигнете – им порача Ана Поп Ризова на матурантите.
Во време од час и половина младите ги пренесоа своите размислувања за и против државната матура како мерило за успехот на средношколците. Тимот кој го бранеше постоењето на државната матура, го дефинираше испитувањето како единствен целокупен систем за одредување на стекнатото четиригодишно образование на секоја индивидуа, неговата писменост, способности и основни познавања. Другиот тим, пак, ги претстави своите видувања за матурата како недоволно развиен и недоволно опширен концепт за оценување. Тие го претставија и проблемот за недоволна контрола на одредени аспекти од полагањето, факт кои тие сметаат дека го деградира процесот во целост.
Дискусија од ваков тип е многу потребна за запознавање со ставовите и искуствата на самите средношколци како директно засегнати од матурата.
Дијалогот треба да се поттикнува на ниво меѓу самите средношколци, но и меѓу нив и образовните институции.
Јавната дебата е втора од циклусот на јавни дебати организирани од Младински образовен форум и е дел од проектот „Фестивал на јавни дебати“, кој е поддржан од Секторот за локален економски развој од Општина Карпош и кој има за цел потикнување на дискусија помеѓу младите и локалната самоуправа, како и поголемо вклучување на младите во процесот на донесување на одлуки.