Младите порачаа какво Тетово сакаат

nastan-lms-3„Јас одлучувам“, „Јас сум прашан“ беа само дел од испишаните пораки на денешниот настан „Какво Тетово сакам“ во организација на иницијативата за формирање на Локален младински совет на општина Тетово, иницијатива дел од проектот „Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини“,п на Младински образовен форум и Центар за интеркултурен дијалог, а поддржан од Европската Унија.

Младите тетовци на белите маички и на транспаренти испишаа пораки за својот град и ги повикаа младите да се приклучат во процесот на донесување на одлуки во својата општина.

Тетово е град кој според статистичките податоци има најголем број на младо население во Македонија, но истовремено се соочува со голем процент на невработеност помеѓу младите. Ова е само еден од проблемите со кои се соочуваат младите од Тетово – велат од иницијативата за формирање на локалниот младински совет на општина Тетово.

„Локалниот младински совет на општина Тетово ќе претставува тело кое што ќе им овозможи на младите заеднички да делуваат, да се борат со проблемите со кои се соочуваат, да делуваат за своите приоритети. Целта на денешниот настан е да се подигне проактивниот пристап на младите и да го промовира локалниот младински совет како претставничко тело на младите“ – потенцираше Маја Петровска, локален координатор на проектот.

Оттаму ги повикуваат здруженијата на граѓаните, политичките подмладоци, спортските клубови, културно уметничките друштва да номинираат свои претставници кои ќе учествуваат во формирањето на локалниот совет, кој според најавите треба да се формира кон крајот на месец декември.

Проектот „Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини“ е насочен кон младите луѓе, младинските организации и сите форми на младинско здружување и локалната самоуправа. Главната цел на проектот е да се зајакнат капацитетите на младинското здружување на локално ниво, нивно формално препознавање од страна на општините, како и заедничка работа за унапредување на младинските политики на локално ниво, преку развој на младински активизам, младинска работа и младинско учество во процесите на донесување на одлуки. Проектот вклучува соработка со локалните самоуправи, локални акции и јавен процес на основање Локални младински совети, со поддршка од локалната самоуправа во 12 општини, а е финансиран од Европска Унија (ИПА програма – Civil Society Facility).

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: