Минатиот викенд, педесетина средношколци имаа можност да учествуваат на обука со симулација на младински совет, со наслов „Влези во улога, почуствувај ја промената и ти!“. На оваа симулација беа реализирани активности за запознавање со проблемите кои се присутни на локално ниво меѓу младите во општина Неготино, како и работилници за подобрување на знаењето на младите во Неготино за младинско учество, младински политики, јавно говорење, младинско здружување и организирање, како и со работата на младинскиот совет.
Со запознавањето на младите со процесот на донесување на одлуки во Неготино, како и преку симулација на советници, медиуми, претставници од политичките партии и слично, младите имаа можност да се информираат која е улогата на младинскиот совет, како тој функционира и што е потребно за истиот да се формира. Оваа симулација дополнително им овозможи на учесниците да ги подобрат вештините за јавно говорење како и да спремат свои предлог проекти за подобрување на квалитетот на животот на младите во оваа општина.
Анета Трајкова, координатор на проектот, го изјави следното за симулацијата: „Навистина сме изненадени од активноста на младите на локално ниво и нивното залагање и учество во оваа симулација двата дена. Ваков настан им беше потребен на младите во Неготино и беше интересно да се проследи како преку неформални методи младите ги искажуваат своите идеи и воедно преку свои предлог проекти изработени токму на овој настан се потрудија да просменат дел од работите кои водат до подобрување на животот на младите. Сепак, лично сметам дека младите во Неготино се водечка сила која е потребно да биде вклучена во донесувањето на одлуките на локално ниво и токму преку оваа симулација младите беа запознаени за своите одлуки и како тие треба да ги исполнуваат во целост истите.“
Настанот беше организиран од страна на група на млади активисти кои се натпреваруваа со своите врсници од 13 градови за можноста да се организира иницијатива за подобрување на нивната заедница, како и да се обезбедат можности за учество на младите.