На почетокот на учебната година, Младински образовен форум и Сојузот на средношколци потсетуваат дека училиштата треба да бидат безбедни и сигурни места за сите млади. Просветните работници, родителите/старателите, институциите, организациите, но и учениците имаат обврска и одговорност будно да следат и да реагираат на секој, дури и најмал сигнал на насилство.
81% од младите на возраст од 15 до 19 години биле сведоци или жртви на насилство во училиштата. Повеќе од половина (59%) изјавуваат дека насилството е „целосно присутно“ или „донекаде присутно“ меѓу младите. Речиси секој петти млад човек (18%) вклучен во истражувањето доживеал или бил сведок на насилство или и двете. Ова го покажува истражувањето за млади и безбедност спроведено од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Врсничкото насилство, кое може да се јави во повеќе форми е реалност со која се соочуваат многу ученици. Физичкото, вербалното, социјалното и сајбернасилството може значително да влијае на менталното здравје, самодоверба, успехот и целокупното искуство во училиште. Младите кои се жртви на насилство може полесно да развијат анксиозност, депресија но и слаби училишни резултати.
Голем дел од учениците нема директно да соопштат дека се жртви на врсничко насилство поради чувство на страв, срам или немоќ. Потребно е врсничкото насилство да се препознае, признае и адресира како реален проблем, наместо да се игнорира, негира или минимизира тоа што се забележува или случува во моментот.
Драги ученици, ако сте жртва или сведок на насилство, запомнете дека не треба да молчите и не сте сами. Вашите родители/старатели, пријатели, наставници, педагози, психолози и други доверливи лица се тука да ви помогнат и обезбедат поддршка за ситуацијата со која се соочувате. Вие сте важни, и вашата безбедност и благосостојба се приоритет.
Не се двоумете да зборувате – секој глас може да направи разлика!