Младински образовен форум (МОФ) ја има честа да ја најави петтата по ред МОФ Летна академија која ќе се случува од 26-30ти август во Извидничкиот камп во Охрид. Темата на овогодинешната академија е „Граѓански и политички права и слободи“ која ќе биде обработена преку тренинг сесии, работилници и изведби во областите комуникации, медиуми и улични уметности (Дебата, стенсили, онлајн активизам, изработка на рачни творби, инсталации, улични уметности, организација на настани).
На академијата учество ќе земат 70тина млади на возраст од 14-20 години од 14 градови од Р. Македонија. Помеѓу предавачите кои ќе водат тренинг сесии и работилници се вбројуваат и Владимир Милчин (режисер и Извршен директор на ФООМ), Сања Арсовска (актерка), Искра Гешоска (Претседател на асоцијацијата на независната културна сцена ЈАДРО).
Активностите во рамките на летната академија ќе бидат распределени во три траки: „Јавна дебата“, „Онлајн активизам“ и „Креативно изразување на јавни простори“. Учесниците на академијата ќе се запознаат со граѓанските и политичките права и слободи, ќе дискутираат за младинските проблеми и за начините како да ја подобрат положбата на младите во Македонија. На крајот на академијата своите решенија и предлози ќе ги искажат преку различни производи кои самите ќе ги подготват со помош на своите тренери.
На 27ми август, како дел од програмата на летната академија ќе се одржи и панел дискусија на тема „Искуства од прва рака: активизмот во македонски услови“ во која учество ќе земат претставници од невладини организации: Сандра Анастасовска и Сања Божовиќ [МОФ], Даниел Калајџиески [ХЕРА], Дејан Ивановски [Го сакам ГТЦ], Петрит Сарачини [Заедно за мир] и Џелал Хоџик [АМАН]. Целта на оваа панел дискусија е претставниците од организациите и движењата да ги раскажат своите искуства со активните случувања со активизмот во Македонија и да ги доближат до публиката.
Овогодинешни поддржувачи на МОФ Летната академија се Jacobs и Play сокови.
МОФ Летната академија е организирана во рамките на проектот „Локална младинска иницијатива“ поддржан од Фондација отворено општество – Македонија, „Проект на УСАИД за граѓанско општество“ и од ИДЕА програмскиот грант финансиран од програмата Европа за граѓаните.