МОФ: Просветниот инспекторат да утврди одговорност за корупцијата на Државниот Универзитет во Тетово

Младински образовен форум, како организација која повеќе од 20 години работи на полето на квалитетни образовни и младински политики, изразува загриженост во врска со наодите споделени од неколку медиуми поврзани со Државниот универзитет во Тетово (ДУТ).

Имено, според публикацијата „Веритас“, може да се увиди дека професори на овој државен универзитет направиле плагијат, односно искористиле туѓо дело прикажувајќи го како свое. Со ова, членовите на академската заедница не само што постапиле нечесно, туку и постапиле спротивно на духот на начелата на Законот за високото образование. Истражувачкиот труд на Интелектуалната иницијатива за зголемување на квалитетот во универзитетското образование посочува дека Медицинскиот факултет при ДУТ е еден од упориштата за непотизам, плагијат, купопродажба на оценки, антиакадемска заедница и „интелектуална“ мафија.

Апелираме до надлежните институции, пред сѐ Државниот просветен инспекторат, да постапи по ова прашање во рамки на неговите надлежности и овластувања и финално да се увиди и утврди одговорноста за нечесното академско работење на дел од членовите на академската заедница при Државниот универзитет во Тетово.

Бараме доследна примена на Законот за високото образование, особено во делот на креирање на Агенцијата за квалитет во високото образование. Имено, според последните информации со кои располага МОФ, во рамки на оваа Агенција единствено е функционален еден орган, односно директорот на Агенцијата. Јавноста и академската заедница сѐ уште не се запознаени дали се формирани Одборот за евалуација и Одборот за акредитација како органи во рамки на Агенцијата кои имаат исто така надлежности и овластувања да постапат во овој случај.

Oчекуваме надлежните институции како што се Државниот просветен инспекторат, Државната комисија за спречување на корупција, раководството на Државниот универзитет во Тетово, Министерството за образование и наука, како и други државни органи, да постапат во рамки на своите овластувања и надлежности и да утврдат одговорност на оние кои работеле спротивно на Законот и академските вредности и принципи.

Се надеваме дека овој случај нема да застане само на јавно споделување и известување, туку дека ќе се работи во насока на спречување на корупцијата од секаков вид во рамки на високото образование, но и на охрабрување на студентите и младите воопшто – да реагираат за овие и ним слични коруптивни појави и практики. МОФ се залага за квалитетно образование и градење на академски кадри кои самостојно ќе истражуваат и ќе ја унапредуваат академијата. Ваквите коруптивни појави го девалвираат високото образование, негативно влијаат на неговиот квалитет и ги демотивираат студентите да напредуваат во академската сфера.

Сподели

Please enter an Access Token on the Instagram Feed plugin Settings page.