Деценија успешно постоење во светот на македонското граѓанско општество е успех кој не може да се занемари. Особено ако се земе во предвид дека станува збор за деценија успешно постоење на младинска организација, чија визија ја создаваат, но и за чие секојдневно успешно функционирање се грижат млади луѓе, студенти и средношколци и волонтери. Токму Младински образовен форум е младинска организација која во 2009та ја заокружи првата декада на успешно постоење. Роденденот е повод за ретроспективи и носталгични сеќавања на почетоците, но и за кокетирања со иднината.
Почетоците…
Скромните почетоци на Здружението на Дебатери во 1998, создадено со цел да се офијацилизира страста кон дебатата на група ентузијасти, ги претставуваат зачетоците на МОФ. Дебатата како надополнување на офијалниот образовен систем и активност во која средношколците учествуваат заради дружба и развивање вештини на критичко размислување, денес е редовна програмска активност на МОФ. Предавања по дебата се реализираат не само во 6 средни училишта во Скопје, туку и во 13 градови ширум Македонија во склоп на младинските клубови. Културата на аргументирана расправа и натпреварувачки дух се негуваат и поттикнуваат преку регионалните и националниот дебатен турнир, иако најголем престиж останува учество на интернационални турнири. Дебатата денес се користи и како алатка за развој на демократијата и поттикнување на општествен дијалог на различни теми, вклучително и на оние кои се осетливи за многумина.
МОФ конечно се оформува со обединувањето на Дебатерите со Учиме право програмата, а во 2000 година и го усвојува новото име. Учиме право е програма која тргнува од претпоставката дека “демократските навики не се вродени, туку стекнати“. Така демократијата мора да се учи одново со секоја нова генерација на средношколци, кои ќе бидат идните граѓани, одговорни и свесни за своите права и одговорности. Редовните програмски предавања за запознавање со политичкиот и правниот систем на Македонија, како и со младинските права се одвиваат во 5 средни училишта во Скопје, а специјализирани работилници на одредена тема, како пример: трговија со луѓе или запознавање со ЕУ, се одвиваат и во средните училишта низ цела Македонија. Учиме право тренери се студенти 3та и 4та година на правни студии, кои се обучени за користење на интерактивни методи и работа со средношколци.
Сепак, во 2006 година се оформува и нова програма-Студентска, која ќе се занимава главно со проблемите во високото образование, квалитетот на студирањето и проблемите со корупција. Првата битка на оваа програма е борбата за соборување на последните остатоци од претходниот систем на едноумие, борбата за уважување на слободата на здружување на студентите наместо присилното зачленување во Сојузот на студенти, борба за плурализам во студентското организирање. И после 4 години, усвоена иницијатива од Уставен Суд, предложени амандмани на Законот за високо образование, кампањи за популаризација на Студентскиот правобранител, борбата сеуште не е добиена, туку продолжува.
Бројки…
Можеби најдобра слика за релевантноста на една организација може да се добие преку бројки. За изминатите 10 години МОФ обучи повеќе од 10.000 млади дебатери со вештини за критичко размислување, ги доближи младинските права и слободи до повеќе од 8.000 средношколци, додека пак концептот за плурализам во студентсткото организирање и антикорупција во високото образование во презентира пред повеќе од 15.000 студенти. Пред 10 години активностите беа концентрирани во главниот град, денес, под чадорот на мрежата Локална младинска иницијатива (ЛМИ) функционираат 14 младински клубови во 13 градови низ Македонија. Денес во МОФ има повеќе од 80 тренери по дебата и Учиме право, соодветно, како и повеќе од 400 активни членови во Скопје.
Мисијата продолжува…
Со лекциите научени во декадата успешно постоење, после совладаните предизвици и добиените битки, остануваат соништата за иднината. Преостануваат уште многу битки да бидат започнати и добиени, но тоа е суштината на младинскиот активизам. Секоја генерација има свои битки, некои наследени од претходната, а некои свои сопствени. Можеби најголемиот успех во овие 10 години постоење на МОФ не се мери во објективни општествени мерила, туку се огледува во разликата која ја има направено во личните животи. Сите летни кампови, дебатни турнири, симулации на судења, протести, тркалезни маси, конференции, кампањи, кријат и лични приказни на дружења, љубов, професионален поттик за избор на идна професија, сомисленици за бранење на заеднички ставови итн.
Сега сме позрели и поинакви од пред 10 години, но и општеството во кое дејстуваме е позрело и поинакво. Младите сеуште се соочуваат со свои предизвици, сеуште имаат потреба да се запознаат со своите права, да дејствуваат во својата општина, да дебатираат, да размислуваат гласно и да бидат слушнати. Нашата мисија продолжува…