Младински образовен форум како организација која со години се залага за квалитетно образование, уште при првите најави за државниот испит (т.н. екстерно тестирање) ја покажа својата загриженост за последиците од оваа реформа.
МОФ во своето соопштение објавено на 7 oктомври дава анализа и аргументација осврнувајќи се на најавената мерка државен испит, и упатува на недостатокот од причини за негово воведување и покрева прашања за неговите слабости. МОФ својата аргументација ја презентираше и на дебатата организирана од СН7 на која присуствуваа Министерот за образование и други институции, и во континуитет го споделува својот став со јавноста и медиумите.
Организацијата не стои позади Студентскиот пленум и неговите активности, ниту пак има некаква улога во организирањето на студентскиот протестен марш одржан на 17 ноември.
Сепак, МОФ го поддржува автентичното само-организирање на студентите и ја поздравува искрената намера и заложба да го кренат својот глас и да стават крај на брзите и непромислени реформи кои го тиштат студентот и навлегуваат во автономијата на универзитетот. Организацијата во континуитет поддржува автономни иницијативи на студентите, чија цел е подобрување на квалитетот на високото образование, или пак, подобрување на социо економскиот статус на студентот во Македонија.
Младински образовен форум својот легитимитет и кредибилитет го гради и докажува во овие 15 години и ќе продолжи транспарентно да работи со институции, партнери, средношколци, студенти и организации, и објавувајќи финансиски извештаи на својата страницa.
Сите заинтересирани кои сакаат накусо да се информираат или потсетат на работата на МОФ во последните 14 години можат да го направат тоа тука.